Доста со лажни дојави за решенија

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Сите надлежни нека реагираат брзо и итно, затоа што барајќи ги бомбите и бомбашите, може патем да се случи да се загубат децата. А тогаш – сѐ друго ќе биде залудно!

Пекарите ја остварија својата закана и не го испорачаа лебот со замрзната цена на 33 денари, кој е единствено достапен за голем дел на населението, откако другите видови леб, специјалните, се продаваат по вртоглави цени. Дури и над 100 денари за половина килограм. Да му се одјаде на човек!

Возач одново дивеел по скопските улици, возел со брзина од 200 километри на час и се забил во автомобил што стоел на семафор. И, според онаа народната, „не удира гром во коприви“, настрадал оној што ги почитувал сообраќајните правила и со тешки повреди завршил во болница.

Триесетгодишник се самозадоволувал пред жени во автобус и на други јавни места. Полицијата го уапсила. Нечовек со воздушна пушка го решавал проблемот со уличните кучиња. Убил маалски миленик. Ќе видиме дали ќе го стигне казна, во услови кога и човечкиот живот не вреди многу, а не пак „кучешкиот“ на животните.

Од „Водовод и канализација“ барале да се зголеми цената на водата, Регулаторна комисија одобрила, па овие првиве отпосле демантираат – велат, не сме барале повисока цена на водата за пиење, напротив. Кому човек да му верува?

Речиси нема ден што не ни почнува со лоши вести. Не постои. Не може човек да се разбуди расположен и среќен, оти доброто расположение ќе му помине за миг во моментот кога ќе ги слушне првите, најновите вести, речиси истите од претходниот лош ден.

Но, она што се многу лоши вести, кои се повторуваат со месеци, вестите во, сега бескрајна, морничава низа – дојавите за поставени бомби. Не остана објект во Скопје што во изминатиов период не беше евакуиран поради дојави за бомба. Антитерористичките единици се изнаработија. Дневно се прегледуваат десетици институции. Но најзагрижувачки се секојдневните дојави во основните и во средните училишта, па дури и во градинките. По 30, 40, па дури и по 80 училишта дневно се на „удар“, најмногу во Скопје, но и во други градови низ државава.

Учениците изгубија многу часови (што за дел од средношколците е и добредојдено и забавно). Никој не знае како ќе се надомести пропуштеното, како сето тоа ќе го совладаат учениците, како и кога ќе заврши оваа учебна година, која по сите основи, со оглед на тоа што се случува во изминатите месеци, е загубена година. Решението се бара во онлајн часови откако во некое училиште ќе има дојава за бомба. Како тоа ќе се изведе, смислил некој? Учениците, особено средношколците, и професорите не живеат веднаш до училиштата, па штом има дојава да претрчаат до дома и да продолжат онлајн со часовите. Вчера наутро автобусите беа преполни со ученици што се враќаа од училиште оти дојавите за бомби уште рано-рано беа пуштени. И кафулињата се преполни со ученици. Само училиштата се празни.

Се размислува ли сериозно што понатаму затоа што е очигледно дека дојавите ќе продолжат. Не може во еден ден наставата да се одвива и со физичко присуство и онлајн. Ниту човечките ниту техничките капацитети не можат да одговорат на таа обврска. Како што тргнало и цело лето да одат децата на училиште, ништо нема да се постигне затоа што навистина многу од наставата е пропуштена.

Крајно време е Министерството за образование да реагира, да реши, да „пресече“. Да не дозволи да ги „пушти низ вода“ овие генерации деца, на кои по изолациите со короната, уште бомби им фалеа.

Уште позасегнати се основците, особено оние малите од прво до петто одделение, кои ги преплашува секоја евакуација од училишните клупи. Истрауматизирани се и тие, истрауматизирани се и нивните родители, кои мора да наоѓаат начини како да си ги земат децата од училиште и да излегуваат од работа постојано, а притоа да го зачуваат своето работно место. Се нарушува детството, на удар е менталното здравје на најмладите, кои не разбираат секогаш што се случува за да мора со трчање да го напуштат училиштето.

Притоа, нема абер дека дојавувачите ќе бидат откриени и дека оваа лудница ќе запре. Откриени беа два малолетника на кои им се видело забавно да се приклучат на, како што велат, „безбедњаците“, хибридните закани. Се чини, тие се и единствените што ќе одговараат.

Сите надлежни нека реагираат брзо и итно, затоа што барајќи ги бомбите и бомбашите, може патем да се случи да се загубат децата. А тогаш – сѐ друго ќе биде залудно!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот