Допирот на смртта

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Лошо им се пишува на контрапротестите на вакцинираните (и покрај добрата вест од Австралија). Значи, и понатаму ќе ги гледаме антиваксерите во нивната борба за слобода. Тие не се плашат дека ќе ги допре нешто непознато. За нив, такво нешто не постои.

Под мотото „Стоп за фашистичките мерки“, а како дел од „Светскиот протест за слобода“ и во Скопје викендов се одржа мирен протест против вакцинацијата, односно против задолжителните мерки поврзани со неа. Десетици демонстранти, збиени во толпа, сложно, гласно и јасно (зашто никој, се разбира, не носеше маска) порачаа: „терапијата против ковид е смрт, вакцината е отров, Бил Гејтс сака да изврши депопулација на планетата“…

Повод за овој антиваксерски собир беше дека Главниот координативен штаб, на предлог на Комисијата за заразни болести ќе ѝ препорача на Владата да ја усвои мерката задолжителна вакцинација за здравствени работници, а вработените во јавниот сектор да мора да имаат сертификат за најмалку една примена доза, негативен ПЦР-тест или документ за прележан ковид-19 за да дојдат на работа.

„Протестите за слобода“ организирани во развиениот, цивилизиран и демократски свет – Виена, Хаг, Рим, Загреб, Амстердам… се преполни со гнев, закани, со насилство, и вербално и физичко. Зошто овие луѓето вака одговорија на најголемата закана по нивното здравје, работа и, воопшто, по нивниот нормален живот? Зошто веруваат во теории на заговор, во лажни вести, во претпоставки, во сѐ само не во вакцината? Има уште многу прашања што си ги поставува секој што ги гледа како палат огнови на улиците, се тепаат со полицијата, кршат излози, па и гинат!

Но, има и едно сосема друго кое ретко се поставува (најверојатно и поради тоа што нема врска со актуелниот тренд), а има и такви што сметаат дека заслужува одговор. Прашањето е: Зошто нема демонстрации – поточно, контрапротести – од страна на вакцинираните? (Завчера стигна вест дека во Австралија бил организиран првиот таков контрапротест, кој засега може да се води како исклучок што го потврдува правилото).

Значи, зошто вакцинираните, сѐ уште, не организираат масовни демонстрации? Ниту се помалку на број, напротив, ниту поддржуваат фашистички методи, ниту се против слободата, ниту се залагаат за рестрикции и карантини, ниту безрезервно ѝ веруваат на науката и, особено, на медицината, ниту се толку учени па не наседнуваат на теории на заговор и на лажни вести… Не, и тие се исти како и ДРУГИТЕ луѓе. Единствената разлика во споредба со нив е дека се вакцинирани. А сепак ги нема вака јавно да ги демонстрираат своите ставови и да објаснат зошто, не само што двапати се вакцинирале, туку се спремни да одат и на трета доза. Изгледа дека не е само поради тоа што се убедени дека дури тогаш би настанал опасен судир, не само на мислења, хаос во кој би настрадале повеќе луѓе отколку во пандемијата. Веројатно не е ни поради тоа што тие, за разлика од невакцинираните, живеат (тешко) во демократија, не само во македонската, па нема кој да ги организира (како Груевски, на пример) на контрапротести, зашто очигледно такви протести нема ни во најавторитарните режими.

Еден можен одговор на ова прашање даде нобеловецот Елијас Канети во неговото главно дело „Маса и моќ“, објавено педесет години пред пандемијата со ковид-19. „Човекот од ништо не се плаши толку многу, колку од допирот на нешто непознато. Сите дистанци што луѓето ги создале околу себе, настанале по диктат на тој страв од допир“. Ако е тоа точно, тогаш вакцинираните, не дека не смеат, туку не можат, не сакаат, се плашат да направат – маса. Зашто во толпа мора да се допрат. Каков е тој протест ако демонстрантите држат дистанца, носат маски и ако некој (учесник) им побара да покажат сертификати дека се вакцинирани?

А, вели Канети, само во маса човек може да се ослободи од тој страв од допир. „Тоа е единствена ситуација во која тој страв од допир се претвора во својата спротивност. Штом човекот еднаш ќе ѝ се препушти на масата, веќе не се плаши од нејзиниот допир. Во идеален случај, сите се исти. Можеби е таа една од причините зошто толпата настојува да се збие толку густо: таа сака да се ослободи од стравот на поединецот од допир колку што е тоа повеќе можно. Тоа губење на стравот од допир ѝ припаѓа на толпата“.

Од ваквата анализа може да се заклучи дека лошо им се пишува на контрапротестите (и покрај добрата вест од Австралија). Значи, и понатаму ќе ги гледаме антиваксерите во нивната борба за слобода. Тие не се плашат дека ќе ги допре нешто непознато. За нив, такво нешто не постои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот