Домот на уметникот како сцена – претстава „Под.готвено“ во скопско Чучер Сандево

Претставата „Под.готвено“ во режија на Дејан Спасовиќ својата театарска сцена ја пронајде во Руралниот културен центар „Ракатрак“ во скопското село Чучер Сандево и претставува вистински авантуристички предизвик за публиката.

Чардакот на една стара селска куќа во Чучер Сандево е претворен во сцена за изведба на претставата „Под.готвено“, поставена со драматургија и во режија на ликовниот уметник Дејан Спасовиќ. На чардакот претходните сопственици ги организирале семејните слави, а Спасовиќ одлучил на истото место да се слави – животот. Затоа во претставата се вклучени и јадење на превкусни специјалитети и пиење црвено вино.

Бројот на гостите е ограничен на 20, бидејќи толку има простор зад споените трпезариски маси, на кои се служат и пиењето и јадењето, кое се подготвува непосредно пред или за време на претставата.

– Во мојата речиси тридецениска работа во полето на уметноста најголем предизвик ми било да ги преиспитувам тенките „граници“ што условно го делат животот од уметноста и дали таа тенка мембрана е порозна и дозволува едното да се прелева во другото. Па така, и домот на уметникот станува сцена, а сцената станува дом – објаснува Спасовиќ.

Драматургијата на претставата е заснована на поезија од Ѓоко Здравески, кратка проза на Елизабета Баковска и на делови од драмскиот текст „Трите високи жени“ од Едбард Олби.

Трите актерки, кои играат лик на иста жена, но во различни возрасти од животот, на 18, 33 и 50 години, се Нина Елзесер, Слаѓана Вујошевиќ и Биљана Драгиќевиќ Пројковска. Како добри и вредни домаќинки тие ги служат гостите на славата, но ги искажуваат и своите најинтимни моменти што ги доживеале во возраста што ја играат. Кастингот е направен многу реално и возраста на ликот соодветствува на возраста на актерката. Така се добива впечаток дека драмскиот текст, всушност, е лично искуство изразено пред публиката.

Домаќинки во „Под.готвено“ се актерките Слаѓана Вујошевиќ, Нина Елзесер и Биљана Драгиќевиќ Пројковска

Целото драмско дејство тивко и неподвижно од аголот во кујната го следи и Пача Мама, четвртата инкарнација на трите жени, кои повремено се сеќаваат на нејзините мудрости. „Светот е во тебе, не си ти во светот“, или „Не си капка во океанот, туку цел океан во една капка“ се мисли што низ устите на актерките ги пренесуваат спознанијата од животот на старата Мајка.

Покрај експерименталниот пристап и потребата длабоко да нурнат во себе за да ги извлечат емоциите на трите жени, актерките се ставени во ситуација да излезат од комоцијата на класичната театарска сцена и да бидат подготвени дејството да го изведат во рурален амбиент.

– Подготвувајќи го овој театарски перформанс, едно од основните нешта што сакав да им го овозможам на актерките да го почувствуваат е дека за да се случи уметност, не е потребно да се заглавиш во етаблираната форма. Напротив, уметноста е таму каде што има потребни и доволни услови таа да се случи: перформер, гледач/партиципиент и просторот помеѓу нив. Така, овој перформанс може да се одигра на разни очекувани и неочекувани места. Мислам дека тоа им беше интересен предизвик на актерките и дека сесрдно го прифатија – посочува Спасовиќ.

Претставата е вистински предизвик и за публиката. За да стигнете до уметничкиот, мора прво да поминете низ авантуристичкиот предизвик. Доколку никогаш не се биле во тој дел на Скопска Црна Гора, најдобро е однапред да побарате ГПС-локација за да бидете сигурни дека ќе ја пронајдете вистинската куќа.

Во однос на уметничкиот предизвик, имајте предвид дека ќе треба да го активирате и внатрешното огледало и да се преиспитате за некои одлуки што сте ги донеле на одредена возраст во својот живот. За време на претставата не срамете се да се напиете вино и да пробате од специјалитетите што ви се нудат.

Во претставата има и музика и песна и танц, затоа ослободете ги своите емоции. Притоа изострете ги и своите сетила и внимателно слушајте ги репликите на ликовите. Понекогаш е добро во животот да учиме на туѓите искуства, бидејќи „треба да се победат стравовите и демоните во себе – така ќе живееме цела вечност“, кажува една од репликите во претставата.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 151, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 22-24 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот