Доктор Маја Кирјас: ‘Рчењето е опасно, обратете се кај лекар!

Ноќната апнеа (Sleep apnea) е сериозно нарушување кога заболената индивидуа во одреден временски период на сонот престанува да дише, повторувачки епизоди кои настануваат многукратно за време на еден вечерен сон. За ноќната апнеа или `рчење разговараме со примариус спец. д-р Кирјас Маја, хирург-оториноларинголог.

Примариус спец. д-р Кирјас Маја, хирург-оториноларинголог

Архитектурата на сонот е нарушена и недостасуваат сите фази на длабок сон. Престанок на дишење подолго од 10 секунди во бројни повторувачки епизоди, при што пациентот станува изморен, со главоболка, мамурен, со намаленена концентрација што перзистира во текот на целиот ден, намалени когнитивни функции, зголемен крвен притисок… Загрижувачки е фактот што пет отсто од севкупната светска популација или секој 20-ти човек има апнеа. Се карактеризира со звучен сигнал – ‘РЧЕЊЕ.

Опструктивна апнеа

Несаканите прекини во дишењето за време на сонот кај опструктивната апнеа се последица на блокада на воздушниот проток поради пречки во горно-респираторниот дишен дел (механичка пречка да продре воздухот поради зголемени носни конхи, носни полипи, туморозни формации во предел на носот или орофарингсот – усната шуплина, атрезија, искривена носна преграда, трет крајник, енормно зголемени крајници, спуштен или мал размер меѓу преден и заден непчан лак, зголемена ресичка, зголемена лингвална тонзила, малформации на долна вилица… Опструктивна апнеа – каде што самиот збор укажува на пречка при вдишувањето или инспириумот и оневозможеност воздухот до допре до крајниот дел од белодробието – алвеолите. Со тоа настанува нарушување во размена на гасовите кислород и јаглероден диоксид.

Се соочуваме со состојба при која наместо да доминира кислородот, кај индивидуите има вишок на јаглероден диоксид. Или поедноставено, нема доволен довод на кислород и одвод на јаглероден диоксид во организмот. Со самото тоа ПХ-вредноста на крвта се менува во кисела (поради зголемена концентрација на јаглероден диоксид) и прави форсирано или побрзо дишење од нормалното.

Пациентите имаат чувство на глад за воздух, состојба при која нагло се будат. Поради стресната состојба со која се соочува пациентот, се покачува и нивото на адреналин, кој прави вазоконстрикција или стегање на крвните садови, а со самото тоа се зголемува крвниот притисок кај индивидуата. Тахикардијата или забрзаното отчукување на срцето е присутна кај овие пациенти.

Покачениот адреналин прави исцрпување на панкреасот и неретко кај овие пациенти се јавува дијабетес тип 1.

Тест за апнеа „stardast“ (во домашни услови)

 

Неопходноста да се отстрани механичката пречка (која ја наведовме горе) е во рапидниот пад на кислородното ниво, состојба со која се соочуваат и пациентите кои имаат потежок степен на ковид-19. Под поимот кислородна сатурација подразбираме заситеност со кислород во организмот на индивидуата.

Човечкото тело бара и регулира многу прецизна и специфична рамнотежа на кислород во крвта. Нормалното ниво на сатурацијата или на кислород во артериската крв кај луѓето е 95-100 отсто. Ако нивото е под 90 отсто, се смета за пад на кислородното ниво и се нарекува хипоксемија, која ја имаат пациентите што страдаат од ноќна опструктивна апнеа. Нивото на кислород во артериската крв под 80 отсто може да ја загрози функцијата на сите органи, состојба која доколку не се лекува е загрижувачка поради страдањето на сите клетки во нашиот организам, астроцитите или мозочните клетки, срцето. Пролонгирано ниско ниво на кислород може да доведе до респираторен или срцев застој, мозочен излив…

Најопасни несакани ефекти од нелекувана апнеа се:

– Нагло зголемување на крвниот притисок за време на сонот и статистички најчести инфаркти и мозочни инсулти во раните утрински часови (адреналински рапидни шокови по паузите на недишење).

– Дијабетес и метаболен дисбаланс.

– Дневна поспаност, неконтролирано заспивање што може да предизвика сообраќајни незгоди доколку управувате со моторно возило.

– Слаба концентрација, тешкотии во помнењето, учењето, расеаност и попреченост во извршувањето на секојдневните обврски

– Несоница

– Намалена потенција и еректилна дисфункција

– Чести главоболки и тригер-фактор за мигрена

– Вознемиреност, немир

– Една од честите причини за Алцхајмеровата болест

Видови на апнеа

Покрај опструктивната апнеа постои и мозочна апнеа, мешана апнеа и вродена апнеа. Мозочната апнеа е неретко застапена кај пациенти со потешки прележани мозочни инсулти, енцефалити, мускулна дистрофија, невро–мускуларни болести…

Вродената-конгенитална апнеа е настаната поради вродена грешка во неврогенезата.

Метод со кој се испитува дали пациентот има апнеа е полисомнографскиот тест или стардаст тест, кој се реализира во домашни услови. Фиберскопско иследување на проодноста на горно-респираторните дишни патишта е исто така извонреден начин за точна визуелизација, каде што е механичката пречка која ја попречува воздушната проодност до алвеолите.

Третирање на апнеата

По детектирање на здравствената состојба на пациентот, постојат повеќе опции на решавање на апнеата. Класична оперативна интервенција, ендоскопска операција – FESS, неинвазивна или неоперативна амбулантска интервенција коблација и користење на апарт за кислородна подршка CPAP или BiPAP.

Кога ќе направиме резиме на сето наведено во текстот, доаѓаме до најбитното… НИКОГАШ не ја занемарувајте апнеата и не ја оставајте да биде нелекувана. Здравјето, пред сè!

Прим. спец. д-р Маја Кирјас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот