Додик воведува закон за „странски агенти“ сличен на оној на Путин во Русија

Додик и Путин
Милорад Додик и Владимир Путин на средба во Москва/ Фото EPA-EFE/MICHAEL KLIMENTYEV

Властите во Република Српска планираат да донесат закон со кој ќе се воведе строг надзор на работата на невладините организации во тој ентитет и ќе се обврзат оние кои добиваат какви било средства од странство да се регистрираат како „странски агенти“, што ЕУ и САД го осудуваат и го сметаат за неприфатлив, пренесува српски Данас.

Владата на РС, контролирана од Милорад Додик, го испрати нацрт-законот „за посебен регистар и публицитет на работата на непрофитните организации“ до парламентот на ентитетот на разгледување, јавува Хина.

Овој документ веќе треба да се најде на седницата на ентитетскиот парламент следната недела, а бидејќи таму коалицијата на Додик има солидно мнозинство, се очекува брзо да биде усвоен.

Додик уште во март најави усвојување на цела низа закони за кои новинарите, невладиниот сектор и опозициските политички партии оценија дека имаат за цел да ја ограничат слободата на говорот и со тоа да ја задушат критиката на владата.

Законот за криминализација на клеветата во РС е веќе донесен, а властите сега подготвија законско решение со кое, како што се наведува во образложението, ќе се спречи „рушење на правниот систем и уставното уредување на РС.”

Што значи ова во пракса?

Во пракса, тоа значи и кривична одговорност за невладините организации и нивните членови за кои се оценува дека дејствуваат како „агенти на странско влијание“.

Додик, најавувајќи го донесувањето на новиот репресивен закон, се осврна на решенијата што постојат во САД, но американската амбасада во Босна и Херцеговина оцени дека она што на крајот било предложено е многу поблиску до цензурата и надзорот што го спроведува Русија.

Во реакцијата на амбасадата се наведува дека овој закон дополнително ќе ја турне РС во автократија и ќе им овозможи на властите да избегнуваат каква било форма на надзор и критика.

„Нацртот (закон) поставува строги услови за невладините организации и новинарите и потсетува на рестриктивните закони што Русија ги користеше за да го задуши несогласувањето и да го уништи граѓанското општество“. Овој потег против невладините организации е уште еден обид за поткопување на слободите на граѓаните на Босна и Херцеговина од владата на РС“, е ставот на Амбасадата на САД.

На сличен начин реагираше и делегацијата на ЕУ, која предупреди дека содржината на предлог-законот е чекор назад на патот кон членство во ЕУ. Нејасно поставените законски одредби, како што се посочува, овозможуваат широко толкување, а со тоа и санкционирање на прекршителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот