Додик смета дека пресудата на Судот во Стразбур го урива Уставот на БиХ и Дејтонскиот договор

Милорад Додик
Милорад Додик / EPA-EFE/SZILARD KOSZTICSAK

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска изјави дека последната пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур го урива Уставот на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот договор, а и го забавува патот на БиХ кон ЕУ.

Тој најави дека ќе и предложи Народното собрание на РС да ги отфрли како неприфатливи одлуките на Судот во Стразбур, истакнувајќи оти БиХ единствено може да опстане на принципот на конститутивни народи.

Ќе предложам Народното собрание на РС да ги отфрли како неприфатливи препораките на овој суд како чин на волунтаризам и идеалистички пристап за уредување на земјата, како ново поставување на невозможни услови за БиХ. Ова е правно недозволива и политички шпекулативна одлука, системски погубна за БиХ, посочи Додик.

Европскиот суд за човекови права во вчерашната пресуда наведува дека „конститутивните народи“ во БиХ очигледно уживаат привилегирана положба во сегашниот систем. Согласно Уставот на БиХ, конститутивни народи се Бошњаците, Србите и Хрватите.

Судот донесе пресуда по жалбата на Славен Ковачевиќ, во која утврди дека му се повредени правата и дека е дискриминиран, бидејќи не може да гласа за кандидати за Дом на народите на Парламентарното собрание на БиХ и за членови на Претседателството на БиХ, кои не припаѓаат на конститутивните народи и не живеат во одреден ентитет.

Ковачевиќ се пожали, бидејќи неговото активно избирачко право е загрозено бидејќи, како некој што живее во ентитет Федерација на БиХ може да гласа исклучиво за Хрватите и Бошњаците при изборот на членови на Претседателството на БиХ.

Според Уставот тројца членови се избираат во Претседателството на БиХ, „Бошњак и Хрват од ентитетот Федерација на БиХ“ и „Србин од ентитетот Република Српска“, што е одредба која ги спречува Евреите, Ромите и другите да се кандидираат за функција и да бидат избрани за членови на Претседателството на БиХ и делегати во Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, во кое има три клуба со по пет Бошњаци, Хрвати и Срби.

Исто така, Бошњаците и Хрватите од ентитетот Република Српска, како и Србите од ентитетот на Федерацијата БиХ, не можат да се кандидираат или да бидат делегирани на тие позиции. Истото важи и за избор на делегати во Домот на народите на државниот Парламент.

Во својата последна пресуда, Европскиот суд за човекови права утврди дека комбинацијата на територијални и етнички претензии претставува дискриминација.

Судот изјави дека Претседателството е политички орган на државата, а не субјект. Нејзините политики и одлуки ги засегаат сите граѓани на БиХ, без оглед дали живеат во Федерацијата, РС или округот Брчко.

„Сегашното уредување дава предност на етничката застапеност пред политичките, економските, социјалните, филозофските и други фактори, што ги зајакнува етничките поделби во земјата и го поткопува демократскиот карактер на изборите, се наведува во резимето на пресудата на Европскиот суд за човекови права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот