ДЛУМ ги додели традиционалните годишни награди

Годишната изложба е поставена во „Мала станица“

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) на 1 и 2 ноември во „Мала станица“ и во КИЦ-Скопје ги презентираше традиционалните Годишна изложба и „Мал формат / МиниАртура“, на кои се изложени дела од најновата продукција на членовите на здружението и беа доделени годишните награди на ДЛУМ.

Годишната изложба на ДЛУМ претставува пресек на современата ликовна продукција на најголемиот број членови на ДЛУМ. Изложбата е потполно хетерогена, со обединувачки карактер виден во мноштвото на различни ликовни дела.

Значењето на оваа изложба е големо во ликовно-историски контекст, бидејќи овозможува директен преглед и разбирање на тековните интереси и активности на членовите на ДЛУМ. Таа е неселективна, со цел да ги прикаже актуелните ликовни стилови и техники и да им овозможи на сите учесници, членови на ДЛУМ, јасно согледување на своето место во ликовниот простор на Македонија во период од една година.

Оваа година наградите ги добија Гордана Вренцоска за сликарство, Нела Јанковска за скулптура и Иво Пецов за графика. Добитник на наградата „Млад автор“ е Леон Тенев.

Отворање на изложбата „Мал формат / МиниАртура“ во КИЦ-Скопје

На изложбата „Мал формат / МиниАртура“ се презентирани дела во дводимензионален и тридимензионален формат, цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники. Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење, бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт.

Уметничкиот совет на ДЛУМ одлучи наградите да ги додели на Тања Таневска за „Мал формат“ и на Тања Ристовска за „МиниАртура“.

Културно-информативниот центар – Скопје на изложбата „Мал формат“ ги додели наградата „Константин Мазев – Коце“ за ликовно творештво на Стефан Младеновски и наградата „Вангел Коџоман“ на Љупка Делева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 203, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот