15 C
Скопје

Димитров – Едштадлер: Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ

Северна Македонија и другите земји од Западниот Балкан се дел од Европа и тие треба да го продолжат интегративниот процес за членство во Европската унија. Западниот Балкан е сигурносен јазол. Без државите од Западен Балкан Европа – ЕУ нема да биде комплетна, порача денеска сојузната министерка за Европа и Устав на Република Австрија, Каролине Едштадлер по средбата со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

Австрија и Северна Македонија, рече австриската министерка, се тесни и блиски пријатели, поради што, како што рече секогаш ќе ја поддржуваат земјава на нејзиниот пат во ЕУ, атаа поддршка, како што нагласи, нема да остане само на зборови, туку ќе биде поддржана и со дела.

– Еден од доказите мислам дека нашата земја Австрија ја ангажиравме преку министерот Шаленберг да се добијат вакцини за земјите од Западен Балкан. Многу се радувам. Од 651 илјада дози на „Фајсер” и „Биотек” околу 120 илјади ќе бидат испорачани во Северна Македонија. Никој не е сигурен додека сите не сме сигурни и затоа треба да се грижиме во овој дел којшто е многу важен. Западниот Балкан има посебно значење за нас, за Австрија, има историски корени, има многу важни економски можности за соработка што ние ги гледаме овде. Има претпријатија коишто се во регионот стационирани. Западниот Балкан е сигурносен јазол. Без државите од Западен Балкан Европа – ЕУ нема да биде комплетна. И тоа не само што треба да се искаже со зборови, туку и со дела, истакна министерката Едштадлер.

Таа напомена и дека земјите од западниот Балкан, а особено, како што рече, Северна Македонија се голем сојузник и партнер на ЕУ во областа на миграцијата.

– Во 2021 година 52 илјади мигранти во овој регион се пронајдени и спречени да илегално ја поминат границата и тоа е многу важно и затоа ние ја подржуваме работата што се случува на терен преку 15-те гранични службеници кои работат овде во Регионот и кога се работи за тоа оваа соработка да ја прошириме, да ја зајакнеме тогаш ќе мораме како ЕУ да ја вратиме довербата да ја вратиме, истакна австриската министерка за Европа и устав.

Затоа, додаде таа, треба да се осигура перспективата за шесте земји за членство во ЕУ, особено, како што нагласи, за Северна Македонија и Албанија.

– Многу бевме горди што во кризата во март минатата година одлучивме проширувањето да оди. И сега треба да се направи наредниот чекор и мислам дека е јасно и сакам да кажам немам разбирање за тоа некои земји овде да ги блокираат стремежите на интеграцијата. Немам разбирање за тоа овој процес да биде запрен и конкретно да има отпор од Бугарија. Јас имам целосна поддршка и целосна доверба во португалското претседателство. Јас пред неколку недели бев таму и разговаравме дека треба да продолжиме натаму, истакна Едштадлер.

Според неа, сите треба да го стават фокусот кон иднината и просперитетот и така и да се однесуваат.

– Ние сакаме успехот да го продолжиме на интеграциите, не говорам за проширување, туку говорам за завршување на процесот на обликување на Западен Балкан. Северна Македонија и припаѓа на Европа и оваа перспектива мора да се обнови и да се врати довербата во ЕУ, рече министерката.

Нејзиниот домаќи, вицепремиерот Димитров, на прес-конференциата по средбата нагласи дека посетата на министерката само ја одразува симболиката на пријателството на Северна Македонија и Австрија.

– Би сакал да се заблагодарам на недвосмислената континуирана и принципиелна поддршка на Австрија за европската иднина на Балканот и во тие рамки, се разбира и на Северна Македонија. Споделуваме многу заеднички интереси со Виена. Имаме исклучително блиски политички односи, имаме заеднички економски интереси. Австриските компании се важни и за македонската економија. Во смисла на инвестициите имаме важна трговска размена. Истовремено споделуваме и безбедносни интереси што се виде меѓу другото и со искуството од мигрантската криза од 2015 и 2016 година, рече Димитров.

Тој нагласи дека со Едштадлер разговарале за последните случувања за тоа зошто е толку важно конечно да има пробив на нашиот европски пат, важно за нас, важно за регионот, но исто така важно и за ЕУ, нејзиниот кредибилитет и влијание во овој регион опкружен со земји членки.

– Разговаравме и за реформската агенда за нашите напори во имплементација на Агендата „Европа дома“. Притоа, само да ја информирам јавноста дека Австрија ќе има зголемена улога во исклучително важен сегмент од таа агенда, а тоа е владеењето на правото бидејќи токму една австриска институција доби еден повеќегодишен грант да ни биде поддршка и помош токму во овој дел – владеењето на правото, истакна вицепремиерот Димитров.

Тој се заблагодари и за напорот на Виена да биде дел заедно со Европската комисија да обезбеди 651 илјада вакцини од компанијата „Фајзер” за нашиот регион. Тоа, нагласи Димитров, се вакцини што земјите од регионот ги покриваат со репрограмираните ИПА-средства, меѓутоа во име на ЕУ голем дел од тешката работа, преговорите со „Фајзер” ја заврши токму Австрија.

Поврзани вести

Нова скандалозна порно-група со слики и видеа: На Телеграм се појави „Перверзии на Балканот“

Слободен печат

Лајчак: Несомнено за Косово, успех во дијалогот значи да се стане земја кандидат за ЕУ

Слободен печат

Германија, Шпанија и Франција заедно ќе развијат нов борбен авион

Слободен печат

Регионален ковид-19 пресек: Мал пад на бројот на нови инфекции

Слободен печат

Бугарски брачен пар заврши зад решетки во Германија: Продавале новороденчиња во Грција

Слободен печат

Маск: Старлник услугата ја нарачаа половина милион луѓе

Слободен печат

Остави Коментар