
Димитриевски: Дефанзивно одигравме перфектно – на победа против Казахстан за да продолжиме напред до тоа прво место
Еден од најзаслужните за големиот бод во Гент на македонската фудбалска А репрезентација, беше голманот Столе Димитриевски.
Препорачано
Нашиот чувар на мрежата иако без никаква минутажа сезонава во шпанскиот клуб Валенсија, за националниот тим секогаш го дава максимумот, така беше и на дуелот против една од најсилните репрезентации во светот, Белгија.
Димитриевски запишуваше фантастични одбрани против едни од најдобрите белгиски репрезентативци, како Доку, Де Брујне…
– Доста тежок натпревар, на белгиски терен. Навистина противниците беа одлични, и со одлична игра во нападот. Ние мислам дека одигравме перфектен натпревар во одбранбениот дел. Ни фалеше малку повеќе да нападнеме и повеќе да одиме на резултат, да го добиеме мечот, но пак е тешко да излезеш од прва зона во трета зона за напад, затоа што ривалот те притиска, константен притисок, но дефанзивно одигравме перфектно.
Уште од првите натпревари во овие квалификации одиме секогаш на победа. За нас прво место е историја, натпреварот со Казахстан ќе биде многу тежок, но ќе играме на домашен терен, пред наша публика пред која можеме да дојдеме до победата. Треба да се одмориме, да се подготвиме, и да одиграме фантастичен натпревар за да продолжиме напред до тоа прво место, до тој пласман на Светското првенство – беа зборовите на Димитриевски.