ДИК ги запишува граѓаните со истечени документи во Избирачкиот список

Проверка во Избирачки список

Државната изборна комисија до вечерва на полноќ треба да ги внесе во единствениот Избирачки список оние граѓани чии документи за идентификација, лична карта и пасош, им истекле во периодот до девет месеци до денот на изборите, за да го остварат правото на глас на претстојните претседателски избори на 24 април и на парламентарните избори на 8 мај.
Увидот во Избирачкиот список истекува вечерва на полноќ.
Од ДИК велат дека најголем дел од граѓаните со истечени документи се внесени во списокот и веќе можат и да извршат електронска проверка преку нивниот сајт.

Минатиот четврток од ДИК најавија дека Министерството за внатрешни работи ќе им достави податоци за граѓаните со истечени документи и дека во текот на неколку дена податоците Избирачкиот список ќе биде дополнет и со овие гласачи. Рекоа и дека нема да се продолжуваат роковите во врска со списокот, односно јавниот увид завршува на 18 март, а ќе се заклучи најдоцна до 2 април.

Претседателот на ДИК Александар Даштевски вели дека деновиве списокот се дополнува со граѓаните со истечени документи, но не знаеше прецизно за колку гласачи станува збор. Таа бројка ќе се знае кога ќе биде заклучен Избирачкиот список. Според информациите што ги сподели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а го потврдија и други извори, како премиерот Талат Џафери и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, се работи за околу 100.000 граѓани на кои им се истечени личните карти, а немаат нови пасоши.

Според податоците на ДИК за Избирачкиот список, кој се однесува на состојбата заклучно со 14 февруари, запишани се 1.798.110 гласачи, а на претходните парламентарни избори во 2020 година беа запишани 1.814.263 избирачи, односно, разликата е помала од 20.000 гласачи.

За да не бидат лишени од правото на глас граѓаните кои заради хаосот со издавањето на документите не обезбедија навреме лична карта или пасош, пратениците со измени на Изборниот законик определија дека на претседателските избори на 24 април граѓаните може да се идентификуваат и со лични документи кои истекле од 24 јули 2023 година до денот на изборите, а на парламентарните избори ќегласат и оние чии документи истекле од 8 август 2023 година.

Според податоците на ДИК, заклучно со 14 март во подрачните одделенија и канцеларии увид во своите податоци направиле 4.859 лица, а преку електронски пат се провериле вкупно 22.122 граѓани.

Со последните измени на Изборниот законик во Избирачкиот список ќе бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите. Оние што ќе наполнат 18 години во меѓупериодот од две недели помеѓу претседателските и парламентарните избори ќе бидат запишани во изводите од списокот само за парламентарните избори.

За гласање во дијаспората, до денеска до 14 часот пристигнале 2.286 пријави, од кои 1.919 се прифатени, 55 се одбиени, а не се обработени 103. Во дијаспората ќе се организира гласањето за претседателските избори затоа што претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани, но, за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5.355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии. За да биде отворено едно гласачко место во некоја амбасада треба да бидат пријавени најмалку десет гласачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот