Девет новозаразени од коронавирус во Велес, еден починат и уште еден на респиратор

Амбулантно возило /Фото: Архива на Слободен печат

Градоначалникот на Велес Аце Коцевски денеска упати апел до велешани дека нема место за вознемиреност, бидејќи заразата е точно лоцирана меѓу вработени во конфекцијата ЈУ-КА со исклучок на двајца пензионери. Тој им порача на граѓани сепак да не се опуштаат, да се однесуваат совесно и одговорно и да ги почитуваат мерките за лична заштита и држење растојание.

Тој на прес-конференцијата информира дека најголем дел од деветте новозаразени се вработени од конфекцијата ЈУ-КА и членови на нивни семејства и дека заразата е лоцирана. Посочи дека денеска телефонски разговарал со сопственикот на конфекцијата ЈУ-КА и тој го известил дека во саботата донеле одлука да прекинат со работа, а моментално на работа оделе 15-тина вработени, најголем дел од администрација и дел од вработените за тековно одржување.

Коцевски рече дека исклучок се двајцата пензионери заразени со Ковид-19 кои тврделе дека седеле дома и оделе само до аптеки и до маркет да пазарат.

– Новонастанатата состојба во Велес е предупредување за сите општини и населени места во земјава дека не треба да се опуштаме и дека треба да бидеме внимателни при контактите и совесно и одговорно да се однесуваме до препораките на заштита, порача Коцевски.

Тој информира дека со новозаболените девет лица бројот на регистрирани со Ковид-19 во Велес се искачи на 93 и двајца во Општина Чашка или вкупно 95 заболени.

Изминатите 24 часа, Коцевски соопшти дека, еден пациент од Велес починал, а еден е ставен на респираторна машина на Инфективната клиника во Скопје.

Досега во Велес се излекувани 44 со два негативни теста, а 47 моментално се активни.

На домашно лекување се 28 пациенти, а 21 пациент се на Инфективното одделение во велешката Општа болница, од кои кај 20 е потврдено присуството на Ковид-19, а кај еден се чека резултат од контролен тест.

Коцевски информира дека двајца пациенти се на поддршка од кислород.

– Согласно денешните одлуки на седницата на Општинскиот кризен штаб, во наредните денови ќе се изврши вонредно дезинфицирање на парковските површини во градот и кај езерото „Младост каде има рекреирање на граѓаните во природа, а со цел да се заштити нивното здравје, посочи Коцевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот