Денови на руски јазик и култура од 22 септември до 30 октомври

Москва / Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

Од 22 септември до 30 октомври 2021 година ќе се одржуваат Денови на руски јазик и култура, на иницијатива на Руски центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Русија во Северна Македонија и компанијата „Лукоил Македонија“ и финансирање од Фондацијата „Руски мир“.  

Свеченото отворање на манифестацијата е в среда, 22 септември, со концерт на руска класична музика во Музејот на македонската борба. На концертот ќе учествуваат македонските музичари: Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, Марија Вршкова, кои ќе изведат дела на Рахманинов, Чајковски и Шостакович.

На 23 септември во Кинотеката ќе биде прикажан воениот филм Црвениот призрак” на рускиот режисер Андреј Богатирјов , а на 25 септември  во кафе-книжарницата „Буква“ Рускиот центар ќе организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“, на кој победниците ќе добијат награди со руска симболика.

Од 26 до 28 септември во Рускиот центар ќе се одржи трета Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“, со околу 60 учесници од 10 земји. Ќе има различни научни секции и една посебна посветена на 200-годишнината од раѓањето на Фјодор М. Достоевски.

На 29 септември во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ на која ќе учествуваат уредници на македонски издавачки куќи. Тие ќе раскажат за местото на руската книжевност во нивните издавачки програми, а исто така за застапеноста на класичната и современата руска литература во македонската издавачка сфера.

– Месецот октомври 2021 ќе биде посветен на посета на училишта каде што се изучува рускиот јазик во Македонија. За учениците ќе се одржат кратки предавања за Русија, руската култура и литература, а на библиотеките на училиштата ќе им бидат подарени книги на руски автори во превод на македонски, соопшти Руски центар при УКИМ. 

Влезот на сите настани е бесплатен, но е потребен сертификат за вакцинација или за прележан ковид-19. Поради ограничен број места, задолжително е пријавување на ruskicentar@ukim.edu.mk.

Извор: МИА

Видео на денот