„Дело“: Србија мора да одлучи помеѓу НАТО и Русија

Архива на СП

Србија ќе мора да одлучи помеѓу НАТО и Русија, објави денеска словенечкиот весник „Дело” во коментарот за важноста на откривањето на разузнавачката афера во Србија, во која е вклучен и руски агент (потполковникот Георгиj Клебан, поранешен заменик воен аташе во Белград).

Весникот проценува дека „шпионскиот скандал” ќе има длабоки политички последици во Србија и дека односите меѓу двете земји се попроблематични отколку што се чини.

– И покрај обидите за релативизација на скандалот, постои сомнеж во искреноста на руската поддршка, која ја очекува голем дел од српската јавност, тврди „Дело” во коментарот под наслов „Трговија со малигното руско влијание”.

Весникот понатаму наведува дека Москва можеби нема доверба во однос на тоа колку е цврст ставот на Србија за воената неутралност и се сомнева дека највисоките српски претставници се поблиски до НАТО отколку што тоа го покажуваат во јавноста.

– Заговорниците на таквото сценарио се потпираат на напорите на проруските пратеници да се вметне воената неутралност во Уставот. Ова е целта на Кремљ во обидот да се спречи Белград тајно да флертува со НАТО, тврди „Дело”, кое предупредува дека, доколку „шпионскиот скандал” е организиран во Белград, тоа би можело да значи почеток на оддалечувањето на Србија од Русија.

Весникот смета дека рускиот претседател Владимир Путин има поважни сфери на интерес од Балканот и блокирањето на НАТО и тврди дека Русија би се откажала од Балканот без борба, во прилог на спонзорството на САД, доколку САД и ЕУ дозволат Москва да ја легализира „анексијата на Крим и југоисточна Украина”.

„Дело” заклучува дека е малку веројатно Србија засекогаш да може да ја следи својата воена неутралност.

– Нејзината геостратешка позиција бара таа да се придружи на Русија или на НАТО и да престане да прифаќа бескрајно флертување со едните или другите, оценува словенечкиот весник „Дело”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот