Дамоклов меч над пациентите со карцином: Клиниката за онкологија во ризик да снема биолошка терапија

Онкологија /Фото: / ''Слободен печат''/ Слободан Ѓуриќ

Врз Клиниката за онкологија годинава е надвиснат ризикот и можноста да нема биолошка терапија за сите пациенти на кои им е потребна и кои ги исполнуваат условите да ја примаат. Бројот на новодијагностицирани пациенти со карцином галопирачки се зголемува, а буџетите од кои се набавуваат биолошките лекови не го следат темпото. Дополнително, Клиниката е целосно зависна од одобрените надоместоци кои на годишно ниво ги добива од Фондот за здравство.

Условниот буџет е исклучиво наменет за биолошката, целна имунотерапија, односно тој во целост се искористува за лековите кои не се поставени на позитивната листа на лекови која, пак, не е ажурирана повеќе од една деценија. Директорката на Клиниката, доктор Виолета Клисаровска за ,,Слободен печат” вели дека оваа биолошка терапија се прима долго, за дел од лековите со години, а постојано има значаен прилив на нови пациенти. Тоа ја става болницата во ризик да нема доволно биолошки лекови за сите, а земање на лекови на реверс не доаѓа предвид.

– Во 2023 година се надмина бројот со 5 илјади нови пациенти. Проблемот со недостатоците од лекови е постојана потенцијална опасност. Клиниката со редовни образложенија и писмени дописи до Министерството за здравство и Фондот се труди да обезбеди терапија во континуитет. Доколку дојде до недостаток на финансиски средства, клиниката не смее да набавува дополнителни количини лекови, вели доктор Клисаровска.

Се бараат системски решенија за да се надмине потенцијалната криза со лекови

 

Решението на овој горлив проблем Клиниката го гледа во неколку дејствија и сугерира дека е потребно веднаш да им се олесни притисокот на пациенти кои тука се слеваат од целата држава и покрај тоа што онколози има и во други болници и во Скопје и во градовите од внатрешноста.

– Потребна е итна распределба на пациентите во другите онколошки центри низ државата, кои треба да се потрудат да обезбедат средства за лекови. Ова е сериозно решение и за турканиците и за редиците пациенти кои мора да чекаат и со часови за да бидат опслужени, вели директорката на Клиниката.

Второто решение за проблемот со кој се соочува болницата, според неа е да се ажурира позитивната листа на лекови и во неа да влезат значаен број од лековите кои сега се набавуваат со условен надоместок од Фондот за здравство. Министерот за здравство Фатмир Меџити за „Слободен печат“ вели дека во апликациите за ажурирање на позитивната листа фармацевтските компании доставиле предлози и за лекови за третман на онколошките болести. Но, засега не се открива кои од нив ќе бидат прифатени и каков импакт тоа ќе има врз болните од карцином.

Исто така, додава доктор Клисаровска, потребно е финансиските средства што Фондот за здравство ги обезбедува, да бидат според реалната потреба на Клиниката и временски да биде скратена и олеснета постапката за набавка на лекови која одзема по два-три месеци.

Дел од листата на одобрена биолошка терапија за Клиниката за онкологија, со бројот на пациенти за кои е одобрена и издвоените средства за секој лек посебно / Извор: Табела подготвена од ФЗОМ според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

„Слободен печат“ преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер од Фондот за здравство ја побара и ја доби листата на лекови од биолошката терапија одобрена за 2023 година за Клиниката за онкологија, како и сумата која била одобрена за секој лек поединечно. Навидум се работи за кратка листа од 32 лека, а бројот на пациенти што ги примале во 2023 година бил 1.424. За нивните годишни потреби од биолошка терапија Фондот одобрил 17,4 милиони евра.

Од листата најскапи се лековите „цетуксимаб“ и „пембролизумаб“. За илустрација, за годишната потреба од „пембролизумаб“ за само 36 пациенти од Клиниката за онкологија колку што биле одобрени, во 2023 година Фондот за здравство издвоил над 204 милиони денари за концентратот за раствор за инфузија. Но, овој првично одобрен буџет за 2023 година за биолошките лекови на Онкологија, според неофицијални информации на „Слободен печат“, во текот на годината во неколку наврати бил надградуван. Тоа значи дека оние средства што биле првично и плански одобрени да се трошат – не стигнале, па морало да Фондот со нови инјекции да го освежува условниот буџет.

Онкологија /Фото: / ”Слободен печат”/ Слободан Ѓуриќ

Потребна е децентрализација, а не сите пациенти да завршуваат во само една болница

 

Сликата на Клиниката е трогателна. Пред шалтерите каде пациентите чекаат за терапија, преглед или друга медицинска услуга има огромен метеж. Се чека со часови за да се стигне до лекар поради огромниот број на пациенти. Некои од лекарите остануваат да работат прекувремено, со оглед на ваквата состојба.

Пациентите ретко го користат своето право на официјална поплака. Народниот правобранител констатирал само две пријави од 2022 година, кога две пациентки се пожалиле дека за нив го нема лекот „херцептин“ што се користи за дијагнозата карцином на дојка, поради што морале да прескокнуваат терапии. Во претставката од пациентките е наведено дека имале нередовна терапија и застој во примањето на болничката терапија којшто се повторувал, а „херцептинот“ го примале со значително задоцнување кое придонесувало да прескокнуваат една до две терапии во годината.

Она што е забележливо е дека Клиниката се обидува да ги имплементира клучните препораки дадени од страна на Државниот завод за ревизија кој на оваа клиника влезе на крајот на 2022 година.

Препораките од ревизорот беа биолошката терапија да се набавува во рамките на обезбедениот буџет по претходно склучен договор за јавна набавка и истата да се определува и доделува на пациенти по претходно мислење на стручниот колегиум. Исто така, ревизорот од Клиниката побара навремено да го евидентираат потрошокот на биолошката терапија и да обезбедат доследна примена на одредбите од Законот за јавни набавки.

Но, децентрализацијата останува најголем проблем. Патиштата на сите онколошки пациенти се вкрстуваат на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, иако онколози има и во другите болници. Пред Нова година министерот за здравство Фатмир Меџити најави дека ќе се отвори дневна онколошка болница во ГОБ 8 Септември, но според сознанија на „Слободен печат“ ова уште не е остварено. Според најавите, дел од терапијата онколошките пациенти требаше да ја примаат таму и да се олесни товарот кој го носи Клиниката за радиотерапија и онкологија.

Пациентите се под двоен стрес – и за дијагнозата и за несигурноста дали ќе има лекови

 

Најзасегнатите од промените и од несигурноста дали ќе има доволен буџет за сите и дали ќе има лекови се токму онколошките пациенти кои поминуваат низ една од најкомплицираните дијагнози кои го менуваат животот – карциномот.

– Се разбира дека сите овие информации дека ќе нема терапија претставуваат вистински стрес за сите нас. Болеста треба да се држи под контрола, доколку сме во ремисија за повторно да не се повтори, а кај оние пациенти кои имаат метастазни промени е многу важно да ја добиваат навремено и редовно, за да не се прошират и зголемат метастазите. Последните информации кои ги добиваме од вас новинарите, но и од персоналот на Клиниката говорат дека во наредните месеци ќе недостасува не само скапата биолошка терапија, туку и основната хемотерапија. Во март треба да примам „зомета“ која ја примам на секои 6 месеци како превенција за појавување на болеста на коските, но веќе слушам од други пациентки дека е најавено дека ќе ја нема, вели за „Слободен печат“ Ана Марјановиќ, онколошки пациент.

Запрашана за глобалниот впечаток за начинот на кој е лекувана, со оглед на тоа што дијагнозата сама по себе е еден товар, а несигурноста дали ќе се добие здравствена услуга е уште еден дополнителен товар, таа вели дека несигурноста е само дополнување на стресот и стравот со кој секој онколошки пациент се соочува секој ден.

– Постојано се зборува дека стресот е еден од најголемите причинители за појавување на ракот, па вие самите пресудете што овие афери и проблеми им прават на пациентите. Македонија е очајна за сериозна и издржана програма за превенција на ракот, но во исто време и за промена на протоколите, комисиите за дијагноза и за лекување, како и истрајноста во истите, а не промени на секои 3 до 6 месеци. Мислам дека сме единствената држава во светот во која министрите за здравство и директорите од Клиниката се менуваат на секои пет месеци, ама листата на лекови на позитивната листа не е променета 15 години. Од Клиниката велат ќе нема терапија. Министерот до вчера велеше ќе има. Сега со нов министер и нови правила и приоритети. Никој не мисли на пациентите, низ што тие поминуваат секој ден на таа клиника, додава Марјановиќ.

Клиника за радиотерапија и онкологија / Фото: ,,Слободен печат” – Драган Митрески

КАТО системот се повикува на помош

 

Владата и Министерството за здравство одобрија во функција на Клиниката за онкологија да се врати КАТО системот. Станува збор за систем од хардвер и софтвер, со којшто се врши централна подготовка на цитостатска и биолошка терапија. Со овој систем, секоја подготовка на терапиите се снима на камера, а секоја доза лек добива свој баркод, кој помага да се следи терапијата од влезната точка во болницата, па до тоа на кој пациент му била аплицирана. Но, она што е најважно, е тоа што со КАТО системот се штеди на терапија односно се подобрува искористеноста на дозите, како и нивната потентност.

Ваков систем се користи во Франција, Австрија, Австралија, во сите соседни земји на Балканот, вклучително и во НАТО воена болница во Грција, како и во најпознатата болница во Грција, „Евангелисмос“. Македонија, иако е првата држава од регионот што го набавила овој систем, сепак е последната што ќе го повика на помош, со цел да се врши заштеда на терапиите, како и да се обезбеди следливост и онколошка прецизност на дозите.

Министерството за здравство има објавено постапка за јавна набавка на единицата за централна подготовка на лекови со КАТО софтвер за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. Во моментов се спроведува евалуација на понудата. Со постапката е предвидено да се набави комора за изолатор при подготовка на биотерапија и централен систем, софтверска поддршка, надградба на модули за софтвер и обуки, велат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство.

Клиниката за онкологија пак, до овој момент нема добиено официјална информација до каде е постапката.

По завршување на постапката, клиниката ќе треба да обезбеди дополнителни средства за адаптација на просторот, ќе треба да се вработат фармацевтки кои треба да бидат директно вклучени во процесот на подготовка на терапијата. И секако, најважно, ќе треба да има доволни количини лекови, за да има што се подготвува во единицата, потсетува директорката Клисаровска.

Биолошката терапија во поголем обем почна да се применува во Македонија во 2019 година кога беа донесени 30 најсовремени биолошки терапии. Тие донесоа огромен бенефит и продолжување на животот на онколошките пациенти, меѓутоа предизвикаа и контроверзи поради сомнежите дека неправилно биле препишувани. Во земјава, после болестите на циркулаторниот систем, малигните неоплазми со 3.909 смртни случаи во 2022 година се втората најчеста причина за смрт.

Според информациите од Одделот за здравствена промоција и следење на случаи при Институтот за јавно здравје, кај жените во земјава најчестата причина за смрт од малигна неоплазма во периодот 2010-2022 година е малигната неоплазма на дојка. Во 2022 година од малигна неоплазма на дојка починале 356 жени. Кај мажите честа е малигната неоплазма на бронх од која во 2022 починале 595 мажи во Македонија.

Со овој текст „Слободен печат“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот