Дали со Каракачанов и неговата реторика ќе замине од сцената?

фото Архива

Мали се шансите за скоро формирање влада во Софија, а со тоа и за брз исчекор кон првата меѓувладина конференција и одблокирање на преговорите меѓу Македонија и ЕУ, иако тоа го очекуваат и Европската комисија, а особено македонската влада.  

– Меѓувладината конференција нема да се случи скоро. Какви било проекции во оваа фаза се неблагодарни. За тој чекор потребно е да се обезбеди поддршка од Бугарија за усвојување на преговарачката рамка. Секако, изненадувања се можни, но не без функционална влада и добра волја во Софија, како и компромис со нашата влада. Во моментот сите овие предуслови недостасуваат – вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика

Од Европската комисија не сакаат да влегуваат во детали околу политичката ситуација во Бугарија по изборите што се одржаа во неделата, но се надеваат дека Скопје и Софија ќе постигнат компромис. Портпаролката на Европската комисија задолжена за проширувањето Ана Писонеро за МИА изјави дека Брисел „ги охрабрува и Бугарија и Северна Македонија да изнајдат заеднички прифатливо решение за тековните билатерални прашања“.

– Со нетрпение очекуваме да се одржи првата Меѓувладина конференција што е можно поскоро – рече Писонеро.

Според аналитичарката Кацарска, не може да се очекува голем ангажман од Брисел во деблокирање на процесот.

– Европската комисија е ограничена во своите позиции од страна на државите членки на ЕУ и од неа не може да очекуваме особен ангажман во оваа фаза, особено имајќи предвид дека во Бугарија е сè уште нејасно како, дали и кога ќе се формира новата влада – вели Кацарска.

На парламентарните избори во Бугарија во неделата победи коалицијата на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и Сојузот на демократските сили (СДС), предводена од премиерот Бојко Борисов со освоени 25,8 отсто од гласовите, пред партијата „Има таков народ“ на Слави Трифунов со 17,5 проценти и блокот на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до 14,8 отсто. Со таков распоред на силите, формирањето на владата е многу неизвесно.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, на изборите во Бугарија станало јасно дека тамошните граѓани не ја поддржуваат националистичка реторика од типот на Красимир Каракачанов. Неговата партија ВМРО-БНД и неколку други националистички партии воопшто не го поминаа изборниот праг од 4 отсто.

– Добро е што не влеговме во реториката на Каракачанов. Најсилната порака од изборите е дека народот не е против европската перспектива, туку бара соработка меѓу двете земји. Се надевам дека тоа ќе се преточи во политички ставови на партиите што добија глас од бугарските граѓани – изјави Османи за ТВ 21.

Македонија е блокирана во Советот на ЕУ за усвојувањето на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција со ЕУ поради неразрешениот спор со Бугарија. Редовниот состанок за Стабилизација и асоцијација, кој требаше да се одржи во февруари, беше одложен, најмногу затоа што немаше напредок во разговорите со Софија. Според нацрт-агендата, сега тој состанок е закажан за 12 мај, а со него би требало да претседава премиерот Зоран Заев од македонска страна, но за сега неговото одржување не е официјално потврдено. Македонските власти се надеваат дека е можно првата Меѓувладина конференција да се закаже пред крајот на португалското претседателство, односно пред први јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот