Дали на децата ќе им обезбедиме РАДОСТ или СТРАВ од новата учебна 2020/21 година?

Клучни прашањa на кои бараме одговори сите ние вклучени во процесот на реализација на воспитно-образовниот систем, ученици, наставници и родители пред да се донесе одлуката за отпочнување на новата 2020/21 учебна година во училиштата :

1) Дали отпочнувањето со физичко присуство на децата во училиштето ќе биде со согласност и доброволна одлука на родителот? Што доколку некои родители поради многубројни непознаници не сакаат да ги пуштат децата на училиште? Колку сите родители правилно им објасниле на своте деца како треба и зошто треба да се биде со маска на лице?  Има процедури како се носи маска? Колку долго ќе се носи во училница? Имаме ли такви водичи за нашите родители, децата, наставниците, странките….? Можно ли е вирусот да мирува една недела кога ќе бидат во училница, а, потоа повторно да бидат изложeни на ризик кога ќе бидат дома?

2) Дали во комисијата во МОН има ангажирани и дали се консултираат со наставници практичари, искусни образовни експерти директори, општински образовни авторитети, асоцијации на родители како би помогнале да се симулираат сите можни опции за отпочнување на учебната година со цел  да се согледаат предностите, недостатоците или последиците од ваквата одлука по децата? Да не е предоцна за тоа? Сакаме да знаеме кој се учествува во донесувањето на одлуката за безбедноста и ефикасноста на предложените мерки.

3) Дали Центарот за јавно здравје во соработка со комисијата во МОН ќе доставува информативни, опертивни планови за организирање, процедури и протоколи за сите можни сценарија на реализирање на наставниот процес на почетокот на учебната година? Се коментира од авторитетите во МОН дека е можно училиштата да функционираат различно на територијата на Република Македонија?

4) Дали знаете дека наставничката ефективност за успешност се реализира во рамките на 40 минутниот час? Така се едуцирани, обучени и вреднувани. Како замислувате во време од 20 минути да се постигнат целите на предвидените содржини и активности? Ќе има ли некаква обука, поддршка, совет за нив? За комбинираниот начин на реализација на наставата има ли некакво искуство кое ќе им се пренесе на наставниците во овие три , четири недели? Дали знаете дека наставниците имаат многу непознаници, незнаење и стрес за тоа како ќе отпочнеме со новата учебна 2020/21 година? Не е само да се биде физички присутен на училиште за да се задоволат барањата на родителите кои исто така беа под огромен стрес и многу потрошено време во обидот да се биде ментор на своето дете, обсерватор, медијатор или пак контролор за работи за кои не е стручен?

5) Кога наставниците ќе бидат запознаени со фамозните скратени програми на кои работело Бирото за развој? Запознаени ли сте дека наставниците секогаш и во време на одмори не само сега, туку и во минатото си ги планираа своите годишни, тематски и процесни планирања во времето кога се на годишни одмори? Што да планираат сега? Како? На што да се надеваат?

6) Предвидувате ли што ќе се случи доколку двајца тројца наставници се разболат или не дај Боже повеќе? Што доколку се разболат вработените од техничкиот персонал? Имаме ли можност за брзи замени? Знаете ли колку мака мачиме да одржиме нормален наставен процес кога имаме отсутни наставници? (законски пречки, барање согласности, временски и бирократски процедури кои траат некогаш подолго.) Ќе има ли страв кај сите во колективот во таков случај? Ризик менаџмент не сме учеле, не сме вежбале, не сме предвидувале, ниту пак Вие во МОН. Ќе води ли некој сметка за чувствата на децата во услови на страв од зараза? Страв од смрт на свој близок? Страв дека нема да успее да научи нешто на часовите додека треба да внимава со кого седи? Како зборува? Што допира? Дали ќе се сретне во близок контакт со некого?  Не е е едноставно драги мои. Ќе ни престојуваат во училиште со страв и стрес за себе и сопственото здравје како и за опасноста да ја пренесат болеста во семејството. А, така нема концентарција, нема мотивација, нема фокус. И наставниците исто, страв…страв…стрес..стрес…не е здраво!

Ќе има позитивна возбуда можеби дека ќе си ги видат другарчињата, симпатијата, наставничката, но……стравот ќе надвладее!

Лично сметам дека училницата не е единствениот простор каде се учи. Да, ништо не го заменува погледот на наставникот и неговата насмевка за охрабрување и пофалните зборови за напредокот кој е направен во процесот на учење. Но, мораме да ги следиме и светските случувања во образованието и да ни биде безбедноста и заштитата на здравјето на сите нас на прво место. Дигиталната настава не е нова, но, за нас е најнова, најстрашна, најнекорисна, нај, нај…затоа што не сме подготвени. Естонија ни е најдобриот пример земја која од 2004 година реализира онлајн настава за ученици кои подолго отсуствуваат или кои напредуваат. Лесно е да се следи туѓо и позитивно искуство. Ако сакаме само, ако не мислиме дека ние се си знаеме. Многу треба да учиме, ако сакаме , ако знаеме што сакаме да постигнеме кај децата со нашето образование.

Ова време, летниот период од јуни месец требаше да биде мобилен период за сите образовни авторитети во државава за да се собереме, да дебатираме, да предлагаме, да се критикуваме , да најдеме најдобро решение за сите нас. За да им го олесниме, психички да ги растеретиме и охрабриме наставниците, родителите, а најмногу нашите деца кои се со очекување дека конечно тие ќе ни бидат на прво место. Ние декларативно искажуваме дека ни се најважни. Требаше тема број 1 да ни биде образованието, сега е тема бр. 1, ама само поради прашањата како ќе почнеме? Дали ќе почнеме? Сакаме да дебатираме што е добро, но секојдневна тема треба да ни е образованието, не неговата реформа , туку како да го трансформираме, од корен. Требаше да има национална стратегија и акционен план за образованието во вонредни услови на пандемија, да се реализираа дигитални обуки и семинари за наставници кои се подготвени да предаваат онлајн. За оние кои сеуште се традиционални наставници кои сметаат дека само тие можат да ги научат децата со своето лично присуство да се организира индивидуализирана настава од по 5 деца во една училница со превентивни мерки кои покрај онлајн настава ќе имаат можност за вакви практични средби за консултации и напредување.

Државата и општествено одговорните компании да им донираат и помогнат на деца, родители и наставници со донација на користени или нови компјутери, мобилни телефони со платен интерент како би биле во состојба да следат дигитална настава. Летово можеа да се снимаат уште нови видео лекции со корегираните слабости со подобрена интерактивна комуникација, да се обезбедат онлајн учебници, да има бази на онлајн алатки разбирливи и за наставници и родители кои немаат доволно познавање за компјутерските предности , квизови, прашалници со добрите практики од колегите кои се расположени да ги споделат со јавноста. Ни треба искреност, посветеност и желба да ги најдеме најдобрите, најуспешните наставници и да учиме од нив.

Среќна и бериќетна и здрава и безбедна и спокојна и успешна нова учебна 2020/21 година!!!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот