Дачиќ ги обвинува косовските власти за создавање нова криза

Ивица Дачиќ /EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во неделата на 2 април изјави дека Владата во Косово преку апсењето на Србите на Косово сака да ја дестабилизира ситуацијата и да ги избегне обврските што ги презеде преку Охридскиот договор.

„Многу е јасно дека на повидок е стара ситуација и нова криза произведена од Приштина“, рече Дачиќ.

Тој ја повика меѓународната заедница „итно да реагира“ и да изврши притисок врз властите во Приштина да спречат ескалација на ситуацијата.

Дачиќ оваа изјава ја даде по состанокот на Бирото за координација на безбедносните служби на Србија, еден ден откако косовската полиција уапси припадник на српската заедница во Северна Митровица како дел од акцијата за борба против организираниот криминал и спречување на извршување на криминал.

Во меѓувреме, косовската полиција во неделата соопшти дека во текот на ноќта на 2 април, со експлозивна направа биле нападнати некои полицајци во Северна Митровица.

Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 18 март во Охрид, Северна Македонија се договорија дека ќе продолжат со спроведувањето на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу двете земји.

Европските претставници изјавија дека Охридскиот договор, иако непотпишан, е правно обврзувачки за двете страни.

Директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, во неделата изјави дека Курти „сака кризи и прекршување на договорите“, бидејќи не сака да формира Заедница на општини со српско мнозинство.

„Јасно е дека со ваквото провокативно однесување и насилните постапки на косовската полиција, и Приштина и Албин Курти сакаат да го загрозат мирот и да го нарушат дијалогот“, рече Петковиќ на заедничката прес-конференција во Белград со претседателот на Српската листа , Горан Ракиќ.

Петковиќ, кој е главен преговарач на Србија, на 4 април во Брисел ќе се сретне со главниот преговарач на Косово, Бесник Бислим, за да „разговараат за следните чекори во спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија“, соопштија европските претставници.

Додека Ракиќ рече дека „неодамнешните движења на Приштина донесоа огорченост, револт и големо незадоволство кај српскиот народ“.

Тој рече дека доколку „продолжи репресијата на владата во Приштина“, а уапсените не бидат ослободени, „ќе го повикам народот на општо востание“.

Лицето од српска националност уапсено во саботата е осомничено за повеќе кривични дела, меѓу кои учество во напад на единица на косовската полиција, „учество или организирање на организирана криминална група“, „убиство во обид“, „предизвикување ризик од општа“ и „напад врз службено лице при вршење на службената должност“.

Истото лице наводно запалило автомобили со регистарски таблички РКС (Република Косово) во Зубин Поток, општина со српско мнозинство на северот на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот