Цела ја проголтал: Тело на жена пронајдено во стомакот на питон

Фото: Твитер/KompasTV

Тело на жена (54) е пронајдено во стомакот на змија долга седум метри, на плантажа со каучук каде што работела.

Жената, идентификувана како Јахрах, отишла да работи на плантажа во провинцијата Џамби, на островот Суматра, Индонезија, во неделата наутро, а нејзиниот сопруг го пријавил нејзиното исчезнување откако таа вечер не се вратила дома, пишува „Гардијан“.

Трагајќи по жената во неделата вечерта, сопругот ги пронашол нејзините сандали, марамата, јакната и алатките кои ги користела на работа и повикал други да помогнат, соопштила полицијата за локалните медиуми. Следното утро во близина бил забележан питон.

„Кога тимот задолжен за обезбедување со мештаните ја обиколиле плантажата за гума, пронашле питон долг седум метри. Откако го фативме питонот, го пронајдовме телото на жртвата во стомакот на змијата“, рекол началникот на локалната полиција АКП С Харефа за локалниот веб-сајт Детик.


Питоните, кои убиваат со стегање, обично јадат помали животни, голтајќи ја храната цела. Случаите на голтање луѓе се ретки.

Меѓутоа, во 2018 година, беше откриено дека една жена била проголтана од џиновски питон на островот Муна, кај Сулавеси. Таа исчезнала во својата градина, која се наоѓала во подножјето на карпест дел каде што се знаело дека змиите живеат во пештерите.

Една година претходно, еден фармер беше убиен и проголтан од џиновски питон во селото Салубиро, на островот Сулавеси.

Многу поголем број луѓе се погодени од каснување од змија. Секоја година се регистрираат околу 5,4 милиони случаи на каснување од змија, од кои меѓу 1,8 и 2,7 милиони доведуваат до труење, според Светската здравствена организација (СЗО). Најзагрозени се децата и земјоделските работници во посиромашните, рурални области.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот