Цела година инспекторите не уловиле ниедна небезбедна играчка или козметички производ од увоз

играчка мече
Фото: Profimedia

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во 2023 година не нашол ниту една небезбедна играчка или козметички производ на граничните премини за увоз во земјава. Во лабораторијата на Институтот за јавно здравје завршиле 304 примероци од детски играчки, козметика и предмети за општа употреба, ама сите биле како што треба, односно не се детектирани небезбедни производи од увоз, тврдат за „Слободен печат“ од ДСЗИ. За разлика од Македонија, во Европската Унија секој ден се појавуваат известувања за вакви небезбедни производи како резултат на засилени контроли и ефикасен надзор над увозот и продажбата.

Македонските граѓани не може да бидат сигурни дека навистина играчките за деца до 3 години најчесто увезени од Кина и козметиката од увоз е безбедна, затоа што се земаат исклучително мал број на мостри. Од 13.417 барања за одобрен увоз, земени се само 107 мостри за детски играчки и 197 мостри за козметички производи и предмети за општа употреба. Секој пат кога Инспекцијата зема мостра, доколку се утврди дека примерокот е во ред, тогаш ДСЗИ го плаќа испитувањето. Но, оттаму велат дека ова не им влијае на интензитетот на земањето мостри туку се воделе според програма.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат од сопетвениот  буџет планира финансиски средства за оваа намена и тоа не влијае врз изготвувањето на годишните планови  за мострирање, рекоа од ДСЗИ за „Слободен печат“.

 

Инспекцискиот надзор над увоз и земањето примероци од увезените производи за лабораториско тестирање во моментот на влегување во земјата е важна и оправдана мерка за да се заштити здравјето и безбедноста на домашните потрошувачи. Но, резултатот е – нула детектирани небезбедни производи. Во сите случаи кога од пратката за увоз се зема мостра за лабораториско тестирање, привремено се забранува промет за целата пратка, додека да се добие резултатот од лабораторијата за безбедност на производот.

На почетокот на секоја година инспекторите добиваат годишен план за земање мостри врз основа на стратегија. Од стратегијата зависи колку често ќе се земаат задолжителни примероци од увезените стоки. Ефикасна контрола на стоките во меѓународната трговија игра важна улога во обезбедувањето на соодветно ниво на заштита на здравјето и безбедноста на луѓето.

 

Во Европа „врие“ од небезбедна козметика, парфеми, креми и играчки за разлика од Македонија каде ништо не е детектирано

 

За разлика од Македонија која не може да се пофали со голем плен на небезбедни производи за козметика од увоз, во Европа постои системот „Сејфти Гејт“ каде секој ден се објавуваат фотографии од различни производи, вклучително креми, парфеми, детски играчки, но и други производи – кои не соодветствуваат на здравствените и безбедносните стандарди.

Само изминатите неколку денови на сајтот се објавени неколку парфеми, креми, детска играчка топка и други производи кои содржат опасни супстанци, заедно со земјата на потекло.

Во 2022 година „Сејфти Гејт“ системот, порано попознат како РАПЕКС, објави 213 известувања за опасни производи најдени во земјите од ЕУ и во Исланд, Лихтенштајн и во Норвешка. Најголемиот дел од козметиката што не соодветствувала на правилата и регулативите била забележана во Шведска, Литванија, Италија, Германија и Франција. На врвот од листата биле парфемите, а потоа следувале небезбедни креми за кожа и лосиони за тело, креми за лице и фарби за коса. Ова помага земјите од ЕУ брзо да ги разменуваат информациите и да преземаат активности за поправка против производителите на овие опасни производи.

Информациите на „Сејфти Гејт“ се објавуваат во форма на итни известувања па така сите држави истовремено може да почнат да го „чешлаат“ својот пазар во потрага по истиот производ во нивните продавници. Во 2022 година 190 производи во ЕУ објавени на „Сејфти Гејт“ биле опасни зашто во нив имало опасни состојки како на пример бутилфенилметилпропионал, хидроксисохексил итн. Вкупно 20 производи биле микробиолошки ризик и содржеле микроорганизми.

 

Контролите во македонските продавници, без голем „плен“

 

Од козметиката и детските играчки што доаѓаат во контакт со кожа и слузница пак а веќе биле во промет во македонските продавници, исто така „уловот“ на небезбедни производи во Македонија од страна на ДСЗИ и ИЈЗ е незабележителен. Од четири акции кои ДСЗИ ги спровел во 2023 година во фирми што продаваат детски играчки и козметика, утврдени се само неколку недостатоци. На пример, во еден субјект на надзор не била спроведена превентивна дезинфекција на објектот, а за некои козметички производи не бил усогласен рокот на траење. Играчките за деца до 3 години треба да бидат изработени од материјал кој може да се дезинфицира, при што играчката не смее да го промени квалитетот.

Кога ДСЗИ правела контрола во продавниците во Македонија, издале една опомена во однос на декларацијата на производите. Кај сите играчки декларацијата била иста и не соодветствувала со декларацијата на производителот. Од сите 15 мостри што ги зеле од македонските продавници, 14 играчки биле од Кина а една потекнувала од Турција.

Од 11 до 15 декември лани, извршени се 35  редовни инспекциски надзори кај субјекти кои вршат промет со детски играчки во 16 градови на територија на Република Северна Македонија. Утврдени се недостатоци во однос на небезбедни детски играчки кои се однесувале на ознаките за возраст, декларациите на македонски јазик, непотполни декларации и предупредувања на играчки, контрола нафизички и механички својства.

Од страна на ДСЗИ ставени се вон промет небезбедните играчки односно тие времено се повлечени од пазарот додека не биле обезбедени соодветните декларации.

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот