Canes belli

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

На сите страни се топорат кучињата на војната, не само од редот на униформираните професионални убијци, туку и од редот на политичарите, новинарите и подобните интелектуалци аналитичари, кои „високоучено“ блебетат за фронтовски линии, ракетни дострели, опсадни состојби, грмежи на топови, историја и геостратегија. А, реално оценето, поим немаат за она што го дрдорат и шкрабаат.

Ова наше милитантно време, во кое убијците, крстоносците, блудните и перверзни политичари, бандитите, пиратите и професионалците на смртта се главните и славни ликови, ни нуди на показ болни слики, налудничави политички концепти, безвредна и површна кич-култура, ѕвекот на оружје, расчеречени глави и контролирани умови. Секојдневие ни станале кражбите, кривоклетствата, измамите, насилствата, грабежите…, и таквите modi vivendi се претвориле во идеали на цели неолиберални поколенија од ситни буржуи и лумпенпролетери. Светот веќе е злобно и болно место, во кое не е ниту убаво ниту вредно да се живее.

Пожарот воен ги голта, сè повеќе, умот човечки и цивилизацијата, a највисоките светски „природни“ и „натприродни“ политички авторитети, не чувствуваат потреба од никакви промени на својата егоистична, колонијалистичка и целосно антихумана политика. Сите треба да се крајно вознемирени од агендите и агентите, не само на Вујко Сем, туку и од оние на повампирениот германски фашизам. Сите треба да сме преплашени од разновидните пробисвети, од раздразливите сурови насилници, од дрските, умислени, незаситни и лакоми за слава лажливи политичари, од поткупливите интриганти и провокатори од редовите на „меѓународните невладини организации“, кои со своите публикации, декларации, апели, елаборати и јавни прозивки, не само што лажно кажуваат и докажуваат дека, наводно, ништо освен неолибералните политики не е „демократско“, туку и денунцијаторски пронаоѓаат и жигосуваат конкретни лица, институции и цели држави како „недемократски“ и „авторитарни“.

Времето наше воено е толку жално и страшно, што човек не смее да биде ниту духовит на сметка на „демократијата“ и „евроатлантските вредности“. Неолибералните кербери околу нас се крвничко сериозни: најневината насмевка и претпоставените најскриени помисли за слобода и еднаквост, претставуваат за оваа расипана и груба челад извор на сомничава недоверба. Тие неолиберални платеници мразат страсно по линија на некаква измислена помала вредност, лажат и озборуваат по кафеаните и банкетите, по црквите, џамиите и училишните кулоари, по интернет-порталите и социјалните мрежи, и никој надвор од тој ситнобуржоаски платенички круг на идеолошки дегенерици нема гаранција дека може да опстане.

Многумина, со цел да преживеат пред неолибералната инквизиција, свечено, патетично и, секако, лицемерно ја декламираат вербата оти единствено „Големиот фармер“ од онаа страна на Атлантикот, има право во името на сите „верници“ да ја проповеда „Светата вера на демократијата“ и оти токму тој е од Бога повикан да ги дисциплинира сите, и поединци и држави, за кои помислува дека имаат еретички мисли, или дека субверзивно дејствуваат кон „највистинските“ и правоверни неолиберални вистини за уредување на светот и животот на планетата Земја. Бомбардирањата и ракетирањата се сметаат, секако, како „хумани“ и „дозволени“ алатки за зачувување на „демократијата“ и профитот, а истите пропагандно се „продаваат“ како борба против „лошите диктатори кои го убиваат сопствениот народ“.

На сите страни се топорат кучињата на војната (canes belli), не само од редот на униформираните професионални убијци, туку и од редот на политичарите, новинарите и подобните интелектуалци аналитичари, кои „високоучено“ блебетат за фронтовски линии, ракетни дострели, опсадни состојби, грмежи на топови, историја и геостратегија. А, реално оценето, појма немаат за она што го дрдорат и шкрабаат. Во секој случај, во денешната пропагандна војна, цела армија од неолиберални „интелектуалци“ и „новинари“ е мобилизирана да слугува и да одработува за олигархијата.

Всушност, светската владејачка плутократска елита со своите истренирани крвожедни пци, води војни во кои се уништуваат милиони недолжни луѓе, а сè заради прераспределба на сферите на влијание и за нивните профитерски интереси. Сè повеќе тие војни се закана за уништување на сета цивилизација. Дури и она што се случува во божјите храмови е само една пијана гоштевка на налудничавите бискупи, попови и оџи, кои се опиени од своето огромно богатство и кои се само слуги на плутократијата, па заборавиле дека сe „духовни лица“, заборавиле што треба да значи тоа, заборавиле на сè, освен на своите анимални земни потреби и уживања и токму затоа завиваат воени пароли и ги поттикнуваат убиствата и воените лудила.

Се очекува светилката на оваа антицивилизација втемелена врз квазидемократската концепција на животот, која поправо е дегенериран робовладетелски систем, да ја згаснат лудачки големите профити на примитивните и алчни трговци, банкари и индустријалци и нивното беспримерно дивеење врз достоинството човечко. Поинаку кажано, овој современ систем, втемелен врз „лебот и игрите“, врз економско-социјалното гладијаторство, врз сировата сила која продуцира постојани војни низ целиот свет, нужно мора да пропадне и од тие урнатини да изникне нов хуман општествено-економски поредок.

Авторот е историчар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот