Бугарите уште на почетокот одбиле помош од меѓународни експерти

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Македонско-бугарските односи не можат да се поправат без новата бугарска влада која има мандат да носи политички одлуки, а дотогаш двете земји продолжуваат со контактите. И од Владата и од МНР велат дека се посветени на проблемот, без разлика кој ќе биде во бугарската влада.

– Независно од тоа кој ќе биде премиер и каков ќе биде составот на новата Влада во Република Бугарија, Владата на Северна Македонија останува на принципиелните позиции и со силен ангажман ќе продолжи во разговорите за изнаоѓање решение на отворените прашања. Притоа укажуваме дека за идентитетските прашања нема и не може да се преговара – велат од Владата за „Слободен печат“.

Акцискиот план со месеци е „99 отсто готов“

По декемвриското бугарско вето за преговори со ЕУ, Македонија понуди да ги затопли односите со Бугарија преку Акциски план за секторска соработка, со кој требаше да се врати довербата во Договорот за добрососедство, но до изборите во Бугарија двете влади не успеаја планот да го усогласат целосно. Министерот за надворешни работи Бујар Османи оптимистички најавуваше дека акцискиот план е 99 отсто готов и „само што не е усвоен“ и се очекуваше тоа да се случи на втората седница на Меѓувладината комисија, исто така, пред изборите во Бугарија.

Од МНР велат дека упатиле официјална покана за одржување на Меѓувладината комисија и очекуваат одговор, „согласно актуелната внатрешна ситуација и процесот на формирање на влада“.

– МНР на РС Македонија ги следи политичките процеси и одржува коректна соработка со МНР на Бугарија. Во однос на Акцискиот план, очекуваме дека окончувањето на преговорите за формирање на влада ќе доведе до забрзување на неговото усогласување. МНР упати официјална покана за одржување на Меѓувладината комисија и очекуваме одговор, согласно актуелната внатрешна ситуација и процесот на формирање на Влада. Институциите на РС Македонија ќе продолжат интензивно да работат со институциите на Р. Бугарија, без оглед на составот на политичкото раководство. Од наша страна јасно е изразена добрата волја и очекувањето за одржување на Меѓувладината комисија – велат од МНР за „Слободен печат“.

Според најавите на Османи за закажување на средбата на Меѓувладната комисија беше пожелно освен Акцискиот план да се изготви и годишниот извештај за работата на Мешовитата комисија за историски прашања, но ниту овој документ уште не е усогласен.

Ѓоргиев: Бугарската страна не сака посредници

Следната недела, на 22 и 23 април, ќе се одржи 13. средба на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, на која се очекува повторно на дневен ред да биде периодот на средниот век, за кој претходно македонската страна изјавуваше дека се усогласиле со бугарската, а Бугарија демантираше. На претходните две средби, во декември и во февруари, не беше постигнат напредок, а бавната работа на Комисијата беше еден од аргументите за бугарската блокада.

Пред три дена, европратеникот Андреас Шидер предложи да се поканат еминентни странски историчари во заедничката комисија за да се излезе од ќорсокакот, во кој најдоа Македонија и Бугарија за историските прашања и работата да се постави на научна, наместо на политичка основа. Од Владата велат дека секој предлог што води кон решение е добредојден и додаваат дека за предлогот за вклучување на нови експерти-историчари е најдобро да изјасни експертската комисија за историски прашања.

Брисел: Странски историчари да им помогнат на Скопје и Софија за спорот

Според Драги Ѓоргиев, копретседател во Комисијата од од македонската страна, Бугарите не се заинтересирани за посредник. Тие тоа го одбиле уште на почетокот, ама таа тема не била отварана повторно.

– Ние уште на првата средба на комисијата предложивме да бидат вклучени стручњаци, не историчари, туку повеќе експерти за учебници кои имаат искуство во тоа како да се надминат разни симболично-наративни спорови во учебниците, но тоа беше веднаш одбиено од бугарска страна. Тие посредници требаше да бидат претставници на двете страни, а Македонија и Бугарија да имаат обврска да соработуваат со нив, заеднички да им исплаќаат хонорар за ангажманот итн. Бугарија одби, со образложение дека нема потреба од посредници, олеснувачи итн, и дека ќе разговараат само двете страни, затоа што останатите не ја познаваат детално проблематиката. По ова, ние веќе не се обидовме да предложиме да се вклучи трета страна – вели Ѓоргиев за „Слободен печат“.

Тој додава и дека Годишниот извештај за работата на комисијата во 2020 година е речиси готов и очекува да биде усогласен по 13. средба.

Заев: Бараме да се почитуваат европските вредности

Северна Македонија останува посветена на дијалогот и со новата влада на Бугарија ќе биде постигната согласност за надминување на актуелната ситуација и за имплементацијата на Договорот за добрососедство и пријателство – истакна премиерот Зоран Заев на вчерашната средба со хрватската амбасадорка Нивес Тигањ, осврнувајќи се на прашњето со Бугарија.

– Ги почитуваме сите различни европски идентитети и јазици, и подеднакво очекуваме да се почитува и нашиот македонски идентитет и македонски јазик. Тоа е европска вредност и од земјите членки на ЕУ бараме да опстанат на европските вредности – рече на средбата премиерот Заев.

Хрватската амбасадорка нагласи дека заеднички интерес е евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија во ЕУ да добие забрзана динамика уште за време на актуелното претседателство на Португалија за да се создадат услови за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот