Брисел: Странски историчари да им помогнат на Скопје и Софија за спорот

Османи Ќучук

Треба да се поканат еминентни странски историчари во заедничката македонско-бугарска комисија за да се излезе од ќорсокакот во кој се наоѓаат двете земји околу историските прашања – предложи европратеникот Андреас Шидер на вчерашниот заеднички брифинг со известувачот за Северна Македонија Илхан Ќучук, посветен на Македонија, извести МИА.

– Имам сугестија за заедничката комисија. Доколку нејзината работа остане заглавена како сега, можеби треба да поканиме двајца или тројца еминентни историчари од ЕУ, кои немаат инволвираност во регионот, да помогнат да се стави прашањето во научна рамка – изјави Шидер.

За Шидер е неприфатлива блокадата за почеток на преговори со Северна Македонија од страна на Бугарија. Тој нагласи дека најчесто политичарите ги користат идентитетските прашања за да ги прикријат слабостите за поважните прашања како образованието или вработеноста.

– Блокирањето на почетокот на преговорите е контрапродуктивно затоа што пристапувањето е алатката за решавање на проблемите. На Балканот, како и секаде во светот, политичарите подготвуваат идентитетски теми кога немаат одговор за основни прашања како вработеност, образование, животен стандард, и се плашам дека е ова вистината и за оваа дебата исто така – изјави Шидер.

Известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук, исто така повика да се стави фокусот на соработката и позитивните случувања помеѓу Северна Македонија и Бугарија, наместо да се градат ѕидови. Тој смета дека треба да се врати фокусот на Договорот за пријателство и да се гради повторно изгубената доверба во име на идните генерации.

Шидер и Ќучук не се согласија за односот на ЕУ кон Северна Македонија и Западниот Балкан. Додека известувачот за Северна Македонија смета дека помошта за борба против ковид-19 и разговорите за регионот се на високо ниво, Шидер оцени дека претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел се покажал „несмасен“ во неговата работа, алудирајќи меѓу другото и на неговиот молк за наводниот нон-пејпер на словенечкиот премиер, Јанез Јанша.

Евопратеникот Шидер изрази незадоволство што Западниот Балкан не се нашол на дневен ред на Советот од декември, минатата година.

– Мислам дека тоа е затоа што никој не знае како да се надмине оваа блокада и не сите влади се задоволни што толку малку го има Западен Балкан на дневен ред. Ние треба да вршиме притисок за ова, а Европскиот Парламент е соодветното место за тоа – рече Шидер.

На брифингот стана збор и за скандалот со фалсификуваните македонски пасоши користени од криминалци во регионот. За европратеникот Ќучук ова претставува загрижувачки развој на настаните.

– Последните скандали длабоко загрижуваат во Северна Македонија, тие не се наоѓаат во мојот извештај затоа што се случија отпосле, но затоа се потребни длабоки реформи во судството, законската рамка и владеењето на правото, изјави Ќучук.

За Шидер овој скандал е исто така знак дека борбата против корупцијата е неопходна.

– Ова покажува и дека има активност околу борбата против корупцијата – изјави европратеникот и додаде дека не очекува овој скандал негативно да се одрази врз визниот режим за Северна Македонија со ЕУ, затоа што земјата покажа дека работите одат во добра насока.

ЕУ треба да се срами за доцнењето на вакцините за Македонија

Европратеникот Андреас Шидер ја критикуваше Европската комисија за премалата помош за вакцините во регионот.

– Ситуацијата со Ковид-19 во Северна Македонија е тешка и првата достава од КОВАКС на „АстраЗенека“ пристигна во април, процесот на вакцинација е многу бавен и ЕУ треба да сноси одговорност. Ако Европа е искрена за иднината на Западниот Балкан требаше да нарачаме дози за регионот исто така, се срамам што не го сторивме ова и што Србија и Кина го пополнуваат овој стратешки јаз – изјави европратеникот Шидер.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот