Стојков: Ќе ја поканиме македонската Влада на отворањето на клубот „Никола Вапцаров“

Македонскиот клуб во Благоевград, уште неотворен, беше вандализиран на почетокот на октомври / Фото: НовАсном

Смртни закани кон Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, навреди кон премиерот Ковачевски од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, забрана на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, дополнително ја зовреа и онака вжештената атмосфера меѓу двете земји

Забраната за отворање на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, нападите кон премиерот Димитар Ковачевски од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, најавената нота од МНР и изјавите на бугарски историчари по повод канонизирањето на светецот Кирил Пејчиновиќ деновиве дополнително ја зовреа и онака вжештената атмосфера во односите меѓу Скопје и Софија. На Фејсбук смртни закани доби и Весна Бендевска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а темата за преиспитување на Договорот за добрососедство повторно ја отвори и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Отворањето на клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград беше планирано за 30 ноември, но засега е неизвесно што ќе се случи по забраната од локалната власт.

„Тоа е срамота и покажува на што сè се подложени Македонците во Бугарија“, вели претседателот на ОМО „Илинден Пирин“ Стојко Стојков за декларацијата со која Советот на Општина Благоевград завчера го забрани отворањето на клубот. Образложението е дека Благоевград нема да биде „центар за слични пропагандни провокации“, а изјава даде и советникот Кирил Илиев од ГЕРБ дека „со ова им порачуваат на македонистите дека не се добредојдени во Благоевград“.

– Овие луѓе во Советот на Благоевград, ако и самите не се Македонци, имаат роднини и пријатели кои се. Тие знаат дека има многу Македонци во Бугарија и во Благоевград. За да излезат со таква позиција, објаснувањето е само дека се создава атмосферата за страв и омраза против Македонците овде – вели Стојков за „Слободен печат“.

Клубот го отвора Македонското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права, а тие, како што вели Стојков, за декларацијата на Општина Благоевград дознале од медиумите и сè уште не ја добиле одлуката. Стојков вели дека досега немале контакт со македонската влада во врска со отворањето на овој клуб, и покрај тоа што во април, кога се отвораше бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, премиерот Димитар Ковачевски најави дека ќе има реципроцитет со Бугарија и дека есенва ќе се отвори македонски клуб во Благоевград.

– За жал, нема ништо од македонската влада. Но и тие ќе бидат поканети на отворањето – вели Стојков.

Владата без реакција

Вчера немаше реакција од партиите во земјава по фрапантната забрана во Бугарија да се отвори клуб со името на Никола Вапцаров, македонски поет со бугарско државјанство, кој бил стрелан од фашистите. Слично беше и минатата седмица, кога клубот беше осквернавен со отстранување на буквата М од називот Македонски културен клуб.

Од Владата вчера не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ каков е нивниот став за забраната за отворање на клубот, дали се манифестира добрососедство на тој начин и дали ќе реагираат. Не се изјаснија ниту како мислат да се обезбеди реципроцитетот во односите Скопје – Софија за кој велат дека е загарантиран, а во практика не се случува.

Премиерот Ковачевски, по отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“ што ги вознемири граѓаните, одговарајќи на пратеничко прашање на Рашела Мизрахи, најави скорешно отворање на македонски културен клуб во Благоевград.

– Планирам директно да го информирам премиерот Петков дека планираме да отвориме нов културен центар во Бугарија, а името ќе го одредиме во координација со нашиот Институт за историја и, почитувана Мизрахи, ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето – рече тогаш Ковачевски.

На отворањето на бугарскиот клуб во Битола дојде целиот бугарски врв, на чело со експремиерот Петков и потпретседателката Илијана Јотова, а останува да се види дали на ист начин ќе одговори и македонскиот државен врв по последните случувања на релација Скопје – Софија.

Мицкоски: Ќе го репреговараме договорот со Бугарија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, има нова формула што ќе прави со  Договорот за добрососедство. Откако прво сакаше да го раскине, сега најавува дека сака да се изменат некои негови делови.

– Ние сме подготвени со формирањето влада да седнеме со нашиот источен сосед и да го репреговараме оној дел што цениме дека не нуди иднина, односно не нуди интеграција, фрустрира. Има за обид да ја оддалечи Македонија од ЕУ и подготвени сме буквално да инсистираме на тоа да седнеме на маса и се надеваме дека со поддршка на нашите пријатели од меѓународната заедница тоа ќе го издејствуваме – изјави Мицкоски за јавниот сервис.

Тој повтори дека договорот е штетен оти со него билатералниот спор со Софија станал мултилатерален спор со ЕУ.

– Тоа што тие го погрешија треба да го коригираме, тоа е задачата на идната влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ тоа да го коригира, репреговара. Цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од ЕУ и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции – рече Мицкоски. Тој потенцираше дека ако не се наиде на соговорник од другата страна, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да обезбеди 61 пратеник во Собранието и да го напушти договорот со источниот сосед.

Во врска со уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, Мицкоски повтори дека ставот на партијата е дека нема да ги поддржат, затоа што тоа не е последната пречка, односно потоа ќе следува финалето, „а финалето е да нè побугарчат, да нè асимилираат да ни го одземат она што ни е оставено како дедовина“.

Закани за ликвидација на Весна Бендевска

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) најостро реагира за говорот на омраза што содржи закани за физичка ликвидација на нејзиниот член Весна Бендевска, извршено од двата профила на лицето Виктор Стојанов, претседател на фондација „Македонија“ од Софија, на Фејсбук, со став дека тоа не само што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД, кој е избран државен функционер, туку е и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост, соопшти вчера КСЗД.

Од КСЗД наведуваат дека во објавите на Стојанов е поставена фотографија од

Бендевска со навредувачка, но и поттикнувачка содржина за нејзина ликвидација, а во коментарите под објавата се издвојуваат и повеќе заканувачки содржини.

– За ова, КСЗД го извести МНР, односно Тематската подгрупа за говор на омраза која е во рамките на Меѓуресорската работна група за политичка координација за спроведување на мерките од протоколот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, формирана со одлука на Владата и очекува соодветна институционална реакција – наведуваат од Комисијата. Ваквите објави, додаваат оттаму, следуваа откако КСЗД соопшти дека е утврдена дискриминација по основ на национална и етничка припадност со основањето на здружението „Ванчо Михајлов“ во Битола.

КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од Министерството за

правда, поради тоа што пропуштило да ги изврши своите законски надлежности и му овозможило на здружението да врши дејствија спротивни на Законот. Комисијата го задолжи здружението во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во Статутот и програмата што предизвикуваат вознемирување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот