Бугарија: Изгубените 500 милиони часови по магистралите

За разлика од имагинарните патишта на Бојко Борисов, реалните се во постојан застој во сообраќајот поради поправки

Пред некој ден, поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека изодел (лично, се разбира) повеќе од „половина милијарда километри автопат“. И додаде: „За само десет години.“ Има и видео, така што нема грешка во цитатот.

За Борисов ваквите манипулации и расфрлања со искази не се ништо ново. Тие немаат никаков ефект врз животот на луѓето – без разлика дали спомнал 5, 500 или 500 милиони километри, сѐ е тоа исто, бидејќи секој ја знае вистината и ретко кој може да си ги замисли автопатиштата по кои може да вози. Всушност, она што е многу поважно – дали може да се користат дури и неколкуте нови „првокласни“ патишта? Тоа има директно влијание врз луѓето, бидејќи наместо за три и пол часа, од Софија до Бургас стигнуваат за пет и пол часа. Тоа е резултатот на 10-годишното владеење на Борисов.

Алтернативни делници

На пример, автопатот „Тракија“, кој е во должина од 360 километри и ја поврзува Софија, преку Пловдив, со Несебар на брегот на Црното Море, со месеци е во фаза на поправка, а по неколку години има делови со ограничување на брзината од 90 км на час, што автоматски го прави не автопат, туку меѓуградски пат. Сепак, повторното асфалтирање, по наредба на Борисов, започна да се врши не лента по лента, туку целосно во двете насоки, запирајќи го сообраќајот по целата поправена делница. Таквата техника, покрај тоа што не е побрза, создава многу поголема непријатност за возачите кои се пренасочуваат по алтернативни патишта. Повеќето такви принудни делници се во лоша состојба и никој не ни помислува да ги подготви, барем до одреден степен, за нормален сообраќај.

Така, неделното патување од Бургас до Софија запира неколку километри пред клучката до Стара Загора, бидејќи автомобилите се движат по стариот пат кон Чирпан, и наместо кон крајот на јуни, поправките ќе продолжат до крајот на јули поради лошата работа на трасата, што го констатираше сегашната привремена регионална министерка Виолета Комитова. Уредите за навигација нудат алтернатива – да поминете низ Димитровград и по автопатот „Марица“, за да заштедите до 20 минути од сообраќајниот метеж кај Стара Загора. Сепак, и оваа опција е поврзана со непријатни изненадувања: во моментов, во тек се поправки на обиколницата кај Димитровград, па сообраќајот пренасочен од „Тракија“ се заобиколува со бајпас поради поправки на коловозот.

500 милиони часови чекање

Но, тоа не е сè – само по неколку минути откако сообраќајот на оваа траса се враќа на „Тракија“, има нова блокада, во областа Белозем се санира железнички надвозник, дел од трасата помеѓу Белозем до Чирпан, што Агенцијата за патишта, наводно, ја обнови на крајот од 2020 година, а Борисов официјално ја отвори за сообраќај. Зошто, кога сообраќајот тогаш беше сопрен, надвозникот не беше поправен, може само да се претпоставува. Дополнително, во целиот дел од Белозем до Чирпан, сега се означува лентата за итни случаи, што очигледно не било направено за време на целосната поправка пред повеќе од една година.

По автопатот „Хемус“, кој би требало во должина од 418 км да ја поврзе Софија со Варна, а во 2020 година се пуштени околу 180 км, ситуацијата е слична. Веќе неколку години нема ден без поправки, но алтернативната траса, на стариот пат кон Ботевград, никогаш не е санирана. Дупките во него сè уште се крпат, па ако не мора да чекате во колоната на магистралата, можете да почекате во колона во некоја од патните алтернативи.

Десетици илјади автомобили се блокирани по неколку часа секој ден на „Хемус“, на „Тракија“ и на алтернативните линии. Тоа се стотици илјади изгубени часови на ден. Така, вкупно 500 милиони часа чекање на автопатите веројатно се натрупале во последните 10 години за кои говори Борисов. Само тој може да објасни како ги поминал тие 500 милиони километри по бугарските автопатишта.

 

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот