Бронзата ѝ побегна на Ацевска на Европскиот џудо куп за јуниори

фото: Здравко Митиќ

Возбудливи борби, одлични потези и атрактивни фрлања ни донесе првиот ден од Европскиот џудо куп кој во саботата започна во Скопје.

На татамите поставени во спортскиот центар „Јане Сандански“ кој е перфектно подготвен за настанот ги добивме имињата на новите европски владатели во јуниорска конкуренција, но и видовме дел од македонските џудисти кои и покрај солидните настапи не успееа да стигнат до медал.

Во церемонијалниот дел на свеченото отворање на првенството, честа прв да ги поздрави присутните ја имаше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој им посака пријатен престој и убави спомени на сите џудисти во нашата гостопримлива земја, напоменувајќи дека овој куп е само почеток на една нова убава традиција. Советникот на Европската џудо федерација, Бранислав Црногорац на сите џудисти кои сонуваат да се појават на една од следните олимпијади им порача да продолжат со нивното усовршување, а овој настан е дефинитвно еден од нив, притоа не заборавајќи уште еднаш јавно да ја пофали одличната организација. Европскиот куп свечено го прогласи за отворен претседателот на џудо федерацијата на Македонија, господинот Владимир Трпаноски кој покрај благодарностите до сите оние кои овозможија овој голем настан да се случи во Македонија им посака на сите џудисти одлични борби.

Игнат Петров, Лилјана Недановска и Катерина Ацевска имаа најзабележителни резултати помеѓу сите оние кои се појавија на татамите. Ацевска беше и најблиску до медал, но во мечот за бронза во категоријата над 78 килограми загуби од Лана Бјелица (Босна и Херцеговина). Петров по воведниот пораз од Србинот Ратко Анѓеловиќ во категоријата до 66 килограми го доби првиот репасажот со Израелецот Медитаче, но мораше да го предаде вториот против Калид Алхарби од Саудиска Арабија. Во истата категорија Сергеј Димитриоски беше елиминиран од Британецот Динари Доукинс, во категоријата до 66 килограми Никола Магдески беше поразен од Украинецот Артем Сорочан, а сличен епилог доживеа и неговиот брат Георгиј Магдески кој во малку потешката категорија загуби од Босанецот Дарко Топаловиќ.

Во женска категорија во категоријата до 63 килограми Недановска ја доби воведната борба против Мишел Миза од Израел, но загуби од Норвежанката Тора Братас, а потоа и од Дебора Ѓакова од Косово. Во истата тежинска категорија, Кристина Мантароска беше поразена од Нина Цвјетко од Хрватска. Натпреварите во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје продолжуваат и в недела со почеток од 10.00 часот, а влезот за сите вљубеници во џудото е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот