Бранот силен, вирусот непредвидлив и подмолен

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Македонија е на третото место според стапката на починати од ковид-19 во последните седум дена, објави реномираниот весник „Фајненшл тајмс“ од САД. Според нивната анализа, со двајца починати на 100 илјади жители во последнава недела, Македонија е само зад Унгарија и Босна и Херцеговина. 

– Справувањето со овој трет бран, кој е многу силен, е исклучително тешко, не само кај нас, туку насекаде во Европа. Според епидемиолошките анализи, Р0-факторот е паднат под единица и се надеваме дека ќе остане така. Остануваме претпазливи, вирусот е непредвидлив и подмолен – смета министерот за здравство Венко Филипче.

Апел за претпазливост и за почитување на мерките

Според експертите, тоа значи дека еден заразен со коронавирусот процентуално заразува помалку од еден човек, што треба да предизвика стивнување на бранот, кој во земјава уште притиска врз болниците. Здравствените власти апелираат на претпазливост и на почитување на сите рестриктивни мерки за да се стабилизира состојбата.

Министерот Филипче, по одржаната координација со директорите на клиниките и ковид-центрите во Скопје, рече дека деновиве е намален бројот на хоспитализации во болниците, но сепак се подготвени капацитети во болниците, како во Скопје, така и во другите градови. Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјава е 1.699, а според власите, има уште околу 300 слободни болнички кревети во ковид-центрите.

Повеќе од 15 илјади повозрасни граѓани вакцинирани со „Астра-Зенека“

Премиерот Зоран Заев очекува во текот на месецов во земјава да стигнат 300 илјади вакцини од различни производители и процесот на имунизација да тече непречено. Меѓу нив се вакцини од „Фајзер“, потоа 200 илјади кинески вакцини и значајна количина од руската „Спутник В“.  

Вакцинацијата се одвива на сите вакцинални пунктови во здравствените домови во државата, како и во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Досега во земјава со вакцината од производителот „Астра-Зенека“ се вакцинирале повеќе од 15 илјади повозрасни граѓани.

Здравствените власти решија да не ја даваат оваа вакцина на помлади од 60 години откако Европската агенција за лекови утврди причинско-последична врска меѓу неа и појавата на ретки случаи на тромбоза. Сепак, повеќето европски земји продолжуваат со вакцинацијата со „Астра-Зенека“, зашто е утврдено дека користа од неа е поизразена отколку ризикот од несакани ефекти.

Дали ќе се ревакцинираат и на кој начин македонските граѓани што се вакцинираа со првата доза на овој производител во Србија, ќе се утврдува во наредните три месеци, периодот потребен за да се даде и втората доза. Доколку почувствуваат некакви компликации, Министерството за здравство ги упатува да се јават на лекар.

Во земјава до завчера активни беа 22.164 случаи со коронавирус, а од почетокот на пандемијата животот го загубија 4.108 лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот