Борел: Северна Македонија и 9 други земји се усогласија со дополнителните санкции на ЕУ за ИД и Ал Каеда

Жосеп Борел
Жосеп Борел / Фото: EPA-EFE/FREDERICK FLORIN / POOL

Земјите кандидати за членство во ЕУ – Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Украина, Молдавија и Босна и Херцеговина, членките на ЕФТА и Европската економска област – Исланд и Лихтенштајн, како и Ерменија, се усогласија со Одлуката на Советот на ЕУ од 25 март 2024 година за додавање на едно лице и една група на листата на поединци, организации, компании и субјекти кои се предмет на санкции поради поврзаност со терористичките групи Исламска држава (ИД) и Ал Каеда, соопшти денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

– Овие земји ќе се погрижат нивните национални политики да бидат усогласени со оваа Одлука на Советот. Европската Унија ја нотира и ја поздравува оваа заложба, се наведува во изјавата на Борел во име на ЕУ по повод усогласувањето на 10-те држави со рестриктивните мерки на блокот.

Советот на ЕУ на 25 минатиот месец одлучи на листата на санкционирани поради врски со ИД и Ал Каеда да ги додаде Мохамед Ибрахим ал-Шафи Ал Салем, познат како Аба Ал-Сахрави, кој е лидер на групата Исламска држава – Провинција Сахел, што оперира во пограничните област меѓу Буркина Фасо, Нигер и Мали, кои и организацијата Ослободителен фронт на Мацина (Катиба Мацина), која е поврзана со огранокот на Ал Каеда во реонот на Сахел, Група за поддршка на Исламот и муслиманите (ЈНИМ). Катиба Мацина дејствува во централниот дел на Мали, како и во Нигер и Буркина Фасо.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, на листата на санкционирани поради врски со ИД и Ал Каеда се наоѓаат вкупно 15 поединци и шест групи. Ним им е замрзнат имотот, а на лица и субјекти од ЕУ им се забранува да им ставаат на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица им е забранет влез на територијата на ЕУ.

Лани на 23 октомври, Советот на ЕУ го продолжи Механизмот на рестриктивни мерки против ИД, Ал Каеда и физички лица, групи, компании и субјекти поврзани со нив, за уште една година до 31 октомври 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот