Болните од вирусни инфекции ги преполнија амбулантите на матичните лекари во Битола

Фот: Васка М.Младеновска

Ординациите на матичните лекари во Битола деновиве се преполни со пациенти од сите возрасти со вирусни инфекции кои во најголем дел ги напаѓаат горните дишни патишта.

Според лекарите, иако за овој период од годината е вообичаено да имаат почести прегледи во нивните ординации, сепак, од почетокот на оваа година, во просек имаат по 120 пациенти на ден.

-Во мојата ординација имам регистрирано 718 прегледи, тоа значи дека дневно во просек правам 120 прегледи. Пациентите најчесто имаат горно респираторни инфекции. Тие доаѓаат на преглед со многу висока температура, болки во мускулите, омалаксаност, а кај помалите деца честа е појавата на стомачни болки, повраќање и дијареја-вели д-р Ели Димовска, специјалист по семејна медицина.

Според неа, лабораториските анализи во овој период упатуваат на појавата на грип најчесто од типот А, за разлика од пред две недели кога најприсутен во Битола беше РСВ вирусот.

-Вирусот кај поголемите деца поминуваше со лесна клиничка слика, со сува кашлица, но, кај доенчињата имаше и компликации на долно респираторните дишни патишта и многу често голем дел од пациентите завршуваа со хоспитален третман-додава д-р Димовска.

Таа апелира до болните од грип кои имаат висока температура, кашлица и кивање да се изолираат два до три дена за да се спречи ширењето на вирусот, да избегнуваат собирања во групи и гости во домовите и до нивното оздравување да седат дома.

Од Центарот за јавно здравје информираат дека Битола е во сезонска активност уште од последната недела во 2023 година, а најпријавувани болести се респритаторниот синцициелен вирус, познат во јавноста како РСВ вирусот и инфлуенција, но сè уште е присутен и ковидот. Пикот се очекува на крајот од јануари и почетокот на февруари.

-Ковид вирусот е присутен, ама по три години од пандемијата, сега спаѓа во нормалните белодробни вируси за што е потребна терапија со таблети против болка, терапија за намалување на температурата, сирупи за намалување на кашлица и внесување на многу течности и витамини. Вирусот сега е респираторен вирус исто како останатите респираторни вируси-вели д-р Светлана Поповска-Кљусева, спец. епидемиолог во Центарот за јавно здравје-Битола и додава дека за сите респираторни болести важат истите правила за превенција како што се избегнување на контакти со заболени лица, избегнување на простории каде што има метеж, почесто проветрување и носење на заштитни маски.

Инаку, вакцинацијата против грип сè уште е во тек во Центарот за јавно здравје во Битола, а досега се вакцинирани над 6.700 граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот