Бесплатно на забар за децата до 18 години и за социјално загрозените семејства во Центар

Фото: Општина Центар

Сите деца до 18 годишна возраст и сите социјално загрозени семејства во општина Центар же можат да користат бесплатни стоматолошки услуги.  Денеска, на одбележувањето на Светскиот ден на оралното здравје, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со претставници од Стоматолошкиот факултет ги промовираа новите бесплатни услуги за граѓаните. Станува збор за користење услуги од областа на болести на устата и пародонтот, орална хирургија, болести на забите и ендодонтот, стоматолошка протетика и услуги од областа на детска и превентивна стоматологија.

Оралното здравје е исклучително важно за целокупното здравје на секој човек. За жал, како граѓани навикнати сме да ги посетуваме стоматолозите тогаш кога веќе имаме проблем или болка. Затоа со обезбедувањето бесплатни стоматолошки услуги ние имаме за цел да ги доближиме услугите до граѓаните со цел нивно почесто користење, истакна Герасимовски.

Заинтересираните лица за користење на услугите ќе може да закажат термин од понеделник до петок, од 8 до 14 часот, на телефонскиот број на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Стоматолошки факултет-Скопје или на 071 223-320 по принципот прв дојден прв услужен. Граѓаните на веб страната на општината  може да се информираат и за потребните документи за користење на бесплатните услуги.

Преку обезбедувањето на овие бесплатни услуги Општина Центар овозможува децата од предучилишна и училишна возраст, како и граѓаните од социјално загрозени семејства и корисниците на пензија до добијат поголем обем на стоматолошки здравствени услуги што ќе бидат сеопфатни, квалитетни, превентивни и куративни услуги.

 Општина Центар досега неколкупати ги прошири проектите кои обезбедуваат бесплатни стоматолошки услуги за граѓаните. Најпрво, тие опфаќаа ученици во социјален ризик, потоа деца од градинките кои доаѓаат од социјално загрозени семејства, а минатата година проектот се прошири и на пензионерите, односно лицата со навршени 62 години. Од денеска оваа услуга ги опфаќа сите деца и ученици до 18 годишна возраст како и сите членови на социјално загрозените семејства на територија од Општина Центар- информираат од Центар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот