Белорусинот обвинет за исчезнувањето на тројца опозиционери по 24 години ќе се појави пред суд

Масовен протест во Минск во пресрет на изборите закажани за 9 август / 30 јули 2020 / Фото: EPA-EFE/TATYANA ZENKOVICH

Дваесет и четири години откако тројца истакнати опозиционери исчезнале во Белорусија, на поранешен припадник на специјалните сили во земјата ќе му се суди пред судот во Швајцарија. Јуриј Гаравски е обвинет за присилното исчезнување на тројцата мажи, пишува Би-Би-Си.

Тој бил уапсен откако признал дека бил дел од единицата поврзана со киднапирањето и претпоставеното убиство на противниците на авторитарниот лидер во земјата. Сега швајцарски судија ќе одлучи дали тој ја кажува вистината.

Во интервјуа за медиумите, Гаравски даде детален извештај за тоа како таен платен убиец ги грабнал тројцата противници на Александар Лукашенко, лидерот на Белорусија, од улиците на Минск, ги избркал од градот и потоа ги застрелал двапати во грб.

Обвинителството е остар потсетник дека политичката репресија во Белорусија, која повторно го привлече вниманието на светот кога масовните протести на опозицијата беа задушени во 2020 година, има длабоки и многу мрачни корени.

За семејствата на тројцата исчезнати – поранешниот министер за внатрешни работи Јуриј Захаренко, опозицискиот политичар Виктор Гончар и проопозицискиот бизнисмен Анатолиј Красовски – тоа е важен момент по долгогодишна мачна неизвесност за нивната судбина.

Две од ќерките на мажите – кои и двете ја напуштиле Белорусија набргу по киднапирањето на нивните татковци – ќе бидат во судницата оваа недела. И двете изјавија за Би-Би-Си дека се надеваат дека судењето во градот Сент Гален ќе им донесе одредено олеснување.

Долго време, Елена Захаренка се надевала дека нејзиниот татко е затворен од белоруската служба за безбедност КГБ и дека можеби ќе се врати. Кога конечно прифатила дека тој е мртов, ја прогонувала стравот дека тој бил мачен.

Валерија Красовскаја ја опишала болката што не знаела како починал нејзиниот татко и што никогаш не го добила неговото тело за да го погреба.

На Јуриј Гаравски му се суди каде што бил уапсен во Швајцарија, бидејќи земјата е членка на конвенцијата на Обединетите нации против присилното исчезнување. Тој побегнал таму од Минск во 2018 година, барајќи азил.

Фактот што Швајцарците го применуваат договорот го прави ова значаен правен момент. Исто така, првпат ваква универзална јурисдикција се применува за белоруски државјанин.

Говорејќи во 2019 година за германски Дојче веле и швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг, Гаравски признал дека ги киднапирал тројцата противници на Александар Лукашенко и дека ракувал со оружјето за убиство.

Тој го обвинил својот командант Дмитриј Павличенко – шеф на озлогласената единица на специјалните сили СОБР – дека го извршил вистинското убиство.

Во 2003 година, истрагата на Советот на Европа, исто така, го поврзал полковникот Павличенко со присилните исчезнувања и заклучил дека злосторството било прикриено „на највисоко државно ниво“.

Дмитриј Павличенко ги опишал откритијата на Гаравски во 2019 година како „глупости“. Тој подоцна тврдел дека не го познава својот обвинител, иако на фотографијата се гледаат двајцата мажи заедно на официјален настан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот