Белград: Како да се зачува енергијата на незадоволство

Протести во Белград/ Фото: Vladimir Zivojinovic / AFP / Profimedia

Дел од опозицијата собрана околу „Србија против насилство“ по пауза продолжува со протести поради изборна кражба и махинации. Како големо охрабрување тие ја гледаат дискусијата во Европскиот парламент за Србија.

Протестот против Републичката изборна комисија (РИК) беше одржан на денот на убиството на Оливер Ивановиќ во 2018 година во Косовска Митровица пред просториите на неговата партија. Повеќе илјади граѓани присуствуваа на обраќањето на лидерот на опозицијата, по што следеше марш до црквата Свети Марко, каде беа запалени свеќи.
Убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива СДП, Оливер Ивановиќ и натаму е неразјаснето, и по шест години подоцна нема никакво придвижување во истрагата. Лидерот на Народното движење на Србија, Мирослав Алексиќ по тој повод изјави дека „режимот на Александар Вучиќ очигледно не сака да се дознаат налогодавачите и извршителите“, потсетувајќи дека „единствено што се случи е тоа што Братислав Гашиќ во Собранието ја обвини Германија дека ги крие убијците на Ивановиќ, поради што Вучиќ подоцна се извинуваше.“

Врската меѓу тој трагичен настан и актуелните случувања во Србија е „самата власт“, истакнува за Дојче веле новинарот Ѓорѓе Влајиќ: „Има доста докази дека власта не направи ништо за расветлување на убиството. Од друга страна, власта е поврзана и со ова против што се протестира сега, а тоа се неправилности на изборите. Режимот на Вучиќ е спојка меѓу тие два настана, на кои се надоврзуваат многу други кои Србија ја чинат недемократска и би рекол, парадржава“, вели Влајиќ.

Граѓаните се спремни да истраат

Протестите кои уследија по изборите засега не дадоа премногу резултати и се стекнува впечаток дека на властите им е сеедно дали на улиците има неколку илјади или 100.000 луѓе. РИК, како што се толкува, невообичаено брзо прогласи конечни резултати и се претпоставува дека необично брзо ќе биде формирана и нова влада. Ако се гледа од аспект на власта, тоа е така зашто таа се обидува да го минимизира народното незадоволство, забележува Влајиќ.

„Од друга страна, граѓаните без оглед на бројот, испраќаат порака дека постои јадро незадоволно од случувањата во Србија, дека се спремни да истраат додека нешто не се случи. На рака им оди и тоа што власта покажува некој вид нервоза. Затоа и се брза да формира влада, а за белградските избори, ако се повторуваат, се истакнува дека тоа е затоа што не може да се формира власт, со што се негира каква било изборна кражба“, смета соговорникот на ДВ.

Правниот пат – без успех?

Најновите пораки на американската администрација би можеле да се толкуваат и како лош знак за српската опозиција. Во нив опозицијата се повикува борбата да ја продолжи по правен пат, значи низ институциите, што режимот на Вучиќ го прифаќа со раширени раце. Зашто, како што предупредуваат од опозициските редови на вчерашниот митинг, тешко е да се смета на некој успех кога пред сè полицијата е вклучена во изборен инженеринг и поддршка на една партија и на режимот и кога сите други институции се под контрола на режимот.

Ѓорѓе Влајиќ свртува внимание дека „демократската администрација (во Вашингтон) со извесна непријатност гледа какво било насилство и напад врз институциите по настаните во Капитол. Тоа на некој начин го гледаа и пред Собранието на Белград. И тоа можеме да го читаме како мотив за повикот проблемите да се решаваат во институциите. Мал проблем, во наводници, е што институциите во Србија не се каква било потпора за каква било демократска постапка. На тоа ниво препораките од Запад ја промашуваат метата“, вели Влајиќ.

Охрабрување од ЕУ

Опозицијата како големо охрабрување ја наведува дискусијата во Европскиот парламент за изборите во Србија која се одржува денеска (17.01.). Таа уследи по извесно противење на Европската народна партија, но како што вели Андреас Шидер, водач на пратеничката група на Социјалдемократската партија на Австрија во ЕП, „дури и Владимир Билчик на крајот мораше да признае постоење на многу неправилности“.

Затоа и Мариника Тепиќ, на која вчерашниот митинг ѝ беше прво обраќање на јавноста по штрајкот со глад, напомена дека „тоа е она за што штрајкувавме со глад. Не ѝ се обраќавме на кукавицата преку патот, туку на Европа и светот. Денес цела планета знае дека ги фативме во кражба“.

Претседателот на Движењето на слободни граѓани, Павле Грбовиќ изјави по тој повод дека „полагаме надеж од таа страна конечно да дојде одлучна акција. Драго ни е што конзервативните сили, блиски на Александар Вучиќ, се надгласани, иако тие, предводени од срамниот Владимир Билчик со сите сили се трудат да не дојде до таа расправа. Тоа се охрабрувачки вести дека нашата борба на три фронта бара многу трпение, но има ефекти“, смета Грбовиќ.

„Судејќи според начинот на кој темата е внесена на дневен ред во ЕП, мислам дека е јасно оти Белград ќе добие остри критики. Се чека и конечниот извештај на ОБСЕ за изборите, сето тоа ќе биде непријатна порака за Белград, кој е на многу лизгав терен кога се во прашање односите со ЕУ“, нагласува и Ѓорѓе Влајиќ.

Избор на најефикасни методи

Уличните протести, правна борба, обраќање до меѓународни претставници, тоа засега се три начини на борба на опозицијата. Има ли таа на располагање уште нешто?

На опозицијата на располагање ѝ се „сите методи на политичка борба, како парламентарна, така и вонпарламентарна“, вели Влајиќ.

„Можат да не ги прифатат мандатите, да ги земат па да ги вратат, а во исто време да продолжат со уличен притисок, сега е прашање на процена и политичка памет за избор на најефикасни методи. Во смисла на зачувување на таа граѓанска енергија на незадоволство од она што се случува во Србија“, заклучува Влајиќ.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Ивица Петровиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот