Бебето грабнато од ГТЦ било старо само седум дена, родителите ѝ го оставиле на киднаперката да го причува

ГТЦ / илустрација Фото: Слободен печат/ Д. Митрески

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донел наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишната скопјанка осомничена за кривично дело – „грабнување“ и доставил предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје.

Во случајот што ја потресе јавноста, младата жена киднапира бебе од пред маркет во Градскиот трговски центар, по што се обиде да избега, но беше фатена по неколку часа во Ѓорче Петров.

Обвинителството сега сподели детали од случајот: бебето било старо само седум дена, а родителите ѝ го оставиле на киднаперката да го причува додека пазаруваат во маркетот.

„На 16 август, во сутеренскиот дел на Градскиот трговски центар – Скопје, осомничената извршила грабнување на малолетно лице – новороденче старо само седум дена. На родителите на бебето осомничената им се понудила да им помогне да стигнат до Поликлиниката Бит Пазар. Во Градскиот трговски центар тие ја замолиле осомничената да го причува бебето додека да купат за јадење, по што таа се оддалечила со него. Со такси тргнала кон Ѓорче Петров, а потоа и кон нејзиниот дом, каде полициски службеници успеале да ја пронајдат и лишат од слобода. Со ваквите дејствија осомничената ги спречила родителите да бидат со своето новороденче повеќе од четири часа, а предизвикала и опасност за загрозување на здравјето на бебето“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор на осомничената, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и страв дека ќе се обиде да ги прикрие трагите на кривичното дело и да ја попречува истрагата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот