Барајте фискални сметки од механичари, вулканизери и автопералници

Од УЈП информираат дека вуканизерите и механичерите не се изземени од Законот за регистрирање на готовински плаќања и дека се должни да имаат фискални апарати. Од почетокот на годинава до сега спроведени се 33 контроли и на 17 даночни обврзници им се изречени глоби

Поправате возило кај локален механичар, купувате дел од 200 евра, ви го поправа автомобилот, но не добивате никаква гаранција дека возилото ќе работи. Но, мајсторот не ви дава ниту фискална сметка за изработеното, ниту пак гаранција за делот, па нема како да докажете дека токму тој ви го поправил автомобилот. Менувате гуми кај вулканизер или ви лепат скината гума. Но приказната е иста, повторно нема фискална сметка. Нарачувате услуга од сервис за чистење по дома, но иако е правно лице, не добивате фискална ниту за неговото работење. Ако не сте задоволни кавгите почнуваат веднаш, но немате доказ дека истиот бил на ваша адреса зошто повторно нема фискална сметка.

Од Управата за јавни приходи велат дека редовно се вршат контроли над спроведувањето и примената на Законот за регистрирање на готовинските плаќања. Од таму информираат дека ниту вуканизерите ниту механичерите не се изземени од овој закон и дека се должни да имаат фискални апарати. Од почетокот на годинава до сега спроведени се 33 контроли и кај 17 даночни обврзници се констатирани неправилности и на истите им се изречени соодветни глоби. Сите даночни обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кој плаќањето не се извршува по банкарски пат, должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата- велат во УЈП.

Според нив даночните обврзници кои извршуваат вулканизерски и автомеханичарски работи не се изземени од наведената законската обврска и се предмет, односно, субјекти на контрола по овој основ од страна на Управата за јавни приходи.

-УЈП редовно врши контроли над спроведувањето и примената на Законот за регистрирање на готовинските плаќања, по пријавите пристигнати по горенаведените канали, врши координирани контроли на УЈП самостојно и со други институции, како и контроли согласно годишниот план за контроли. Од почетокот на годинава до сега спроведени се 33 контроли кај сервиси за хемиско чистење, продавници за авто делови, работилници за одржување и поправка на моторни возила, козметички и фризерски студија, поправка на машини, водоинсталатерски услуги. Кај 17 даночни обврзници се констатирани неправилности и на истите им се изречени соодветни глоби, согласно Законот за регистрирање на готовинските плаќања- велат во Управата.

Од таму објаснуваат дека согласно досегашните постапувања, констатираните неправилности најчесто се однесуваат на прекршоци согласно член 21-б од Законот за регистрирање на готовинските плаќања за неиздавање фискални сметки за извршениот промет, ако нема воведено и не користи одобрен фискален систем, но и за неводење на книга за дневни финансиски извештаи. Во однос на сивата економија, УЈП известува дека во борбата со сивата економија вклучени се повеќе институции кои заеднички, секоја во рамките на своите надлежности користи различни стратегии и политики за нејзино сузбивање.

-Неформалната економија е мошне сложен феномен и појава со која не се соочуваме само ние, туку и економски поразвиените земји. Неформалноста има мултидимензионална позадина, причини, форма и ефекти и како таква претставува стратешки приоритет на Владата и во таа насока изготвен е и Акционен план со активности кои се насочени конкретно кон формализација а со тоа и кон намалување на сивата економија. Во однос на сивата економија и со цел детекција, превенција и спречување на даночна евазија, даночно затајување, намалување на сивата економија, Управата за јавни приходи, континуирано соработува не само со институции во државата, туку и со земјите во регионот бидејќи со овој проблем се соочуваме сите, и во таа насока потребно е координирано постапување со цел заеднички да ја спречиме, намалиме сивата економија и да придонесеме односно ги поттикнеме дел од неформалните бизниси да се формализираат- велат во УЈП.

Од таму објаснуваат дека теково редовно се постапува секаде каде што ќе се увиди отстапки или се утврдат било какви неправилности, или по пријава од граѓани.

Дејности ослободени од фискализација

Согласно член 9 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања обврската да се воведе и користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања, не се однесува на: даночни обврзници кои данокот од доход за приходите од вршење на дејност го плаќаат според паушално утврден нето приход, освен таксистите, лицата кои не се трговци за прометот на непререботено и сопствено земјоделско производство што го вршат на тезги на пазари, како и надвор од пазарите, физички лица кои издаваат под закуп стамбен или деловен простор. Исто така од фискализација ослободени се лицата кои вршат дејности во објекти што се наоѓаат во населени места со број на жители под 300 луѓе и кои се сместени во високопланински и тешко достапни места со исклучок на туристички места, лицата кои вршат улична продажба на весници и списанија, колпортерска продажба. Не треба да имаат фискален апарат и лицата кои вршат улична продажба на лозовите, картичките што се употребуваат при приредување на игрите на среќа од типот томбола- детализираат од УЈП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот