Австралија најавува истрага за насилство врз Абориџините
Австралиската држава Викторија најави истрага за влијанието на колонизацијата врз домородните Абориџини, прва од ваков вид на национално ниво, пренесува Би-Би-Си.
Би-Би-Си наведува дека на Абориџините во Австралија им било одземено земјиштето по британското населување во 1788 година и оттогаш претрпеле системски неправди и оти за разлика од некои други држави на Комонвелтот, Австралија никогаш формално не ги испитала последиците од нејзините претходни политики.
Најавувајќи ја истрагата, Владата се повика на неправди од минатото врз Абориџините кои траеја 233 години и вклучуваа масакри врз домородните луѓе од страна на белите доселеници или одземање деца врз основа на државни закони од нивните семејства, сега познати како „украдена генерација”. Претставници на домородците ја поздравија одлуката како можност да се каже вистината.
Локалните медиуми јавија дека истрагата, која ќе почне кон крајот на оваа година, ќе се спроведува под името „Комисија за правда и вистина” по примерот на Нелсон Мандела во Јужна Африка по апартхејдот и другите што се случија во Канада и Нов Зеланд и ќе има овластувања на Кралска комисија, највисоката форма на јавна истрага во Австралија.
Резултатите и наодите од оваа комисија се очекуваат во текот на следната година.