Атанасоски: Да се ставиме во кожата на другиот, да се обидеме да се разбереме со Бугарите

Благојче Атанасоски, Фото: Принтскрин - Утрински брифинг

Според аналитичарите, премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, се далеку од идеални позиции во разговорите и немаат голем простор за маневар, пред сѐ, заради домашната јавност.

Политикологот Благојче Атанасоски вели дека националистичките и ретроградните сили во двете општества ќе направат сѐ за да ги осуетат првичните добри намери на двајцата нови премиери.

– Тие сакаат да го оневозможат новиот дипломатски тон и европски вокабулар кој е суштински за да се започне од некаде и да се дојде до квалитативно решение, кое ќе биде основа за деблокада на нашите евроинтеграции и за продолжување на нашата замрзната европриказна. Се разбира, многу внимателно треба да се влечат потезите, за да не се остави простор едната страна да се почувствува како победник, а другата целосен губитник, бидејќи тоа нема да создаде долгорочно решение и ќе биде основа за нови проблеми во иднина. За жал, на Балканот под притисок на Американците најчесто овие тешки национални прашања се решаваат со помалку или повеќе еднакво незадоволство во двете страни, отколку со задоволство, бидејќи ние Балканците сме научени на тврдоглавост и еднодимензионална диоптрија со која гледаме дека само ние сме во право, без за момент да се ставиме во кожата на другиот и барем малку да се обидеме да ги разбереме неговите аргументи и ставови, па оттука да се најдеме на половина пат – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Во деновите по средбата во Скопје следуваа критики кон Петков и Ковачевски, односно поранешниот вицепремиер Никола Димитров го критикува како лош потегот со нотата што Македонија ја испрати до ОН за краткото и долгото име на земјата, а бугарските политичари бараат одговори од Петков дали ги пречекорил бугарските црвени линии и зборуваат за „мала дипломатска победа на Скопје и отстапување од бугарските позиции“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот