АСО: Исплатени над 10 милиони евра штети на осигуреници

Во услови на здравствена пандемија, расте осигурувањето имот кај домаќинствата, компаниите, земјоделците и кај државниот сектор, а вкупната продажба на полиси за осигурување имот лани надмина 30 милиони евра и порасна за пет отсто. Осигурителните компании, вкупно 11 друштва кои продаваат полиси за осигурување имот, лани на своите осигуреници им исплатиле вкупно за штети (бруто исплатени штети) 10,2 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година, информира Агенцијата за супервизија на осигурување.

За штети од пожари и други природни непогоди лани биле надоместени 191 милиони денари, односно 3,1 милиони евра, додека пак кај останатите имотни осигурувања лани осигурениците добиле 439 милиони денари или 7,1 милиони евра.

Вкупната продажба (бруто полисирана премија) на полиси за осигурување имот лани достигна 1,86 милијарди денари (30,26 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО). Вредноста на осигурителните полиси кои осигурниците ги купиле лани пораснала за пет отсто (1,43 милиони евра) во споредба со 2019 година.

Зголемен е и бројот на склучени полиси за осигурување имот на физички лица и на правни лица. Вкупниот број на полиси за осигурување на имот во 2020 изнесува 135.223 што е за четири отсто повеќе споредено со претходната година.

Граѓаните лани во осигурителни полиси вложиле вкупно 507,4 милиони денари односно 8,25 милиони евра, а приватни компании и државните институции платиле 1,35 милијарди денари, односно 22,01 милиони евра. Најголемо учество во вкупната вредност на осигурувањето лани имаат осигурувањата на градби и нивната содржина – 13,3 милиони евра и земјоделските осигурувања – 7,84 милиони евра.

При тоа, осигурувањето на имот (освен пожар и други природни непогоди) пораснало за седум отсто во однос на 2019 година и надминало 1,09 милијарди денари, односно 17,76 милиони евра, што пред сè се должи на градежната експанзија во урбаните средини, велат од Агенцијата за супервизија на осигурување. 

Зголемување од два отсто има и кај продажбата на осигурување од пожар и други природни непогоди која достигнала 768,2 милиони денари или 12,5 милиони евра. 

Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.

Податоците што ги објавува АСО се достапни и на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот