Арсовска „подзачисти“ меѓу соработниците, ВМРО-ДПМНЕ најави „развод“?

Разрешените Велковски и Перински/ Фото: Архива на СП

Причина за разрешувањето на досегашниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ според градските власти е „самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер“.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во еден ден ги разреши од функциите секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински. Како причина за разрешувањето на Велковски од Град Скопје го наведуваат како што велат оттаму, неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства што се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

– Од функцијата секретар на град Скопје, во петокот е разрешен Ѓоко Велковски, а причина за разрешувањето е неговото влијание во спорна тендерска постапка за изведба на пречистителна станица во вредност од 136 милиони евра, средства што се обезбедени од ЕБОР и ЕИБ. Велковски во петокот е разрешен заедно со в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински поради обиди за влијание, кои се сметаат за тенденција што ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер. Градот Скопје нема да дозволи расипничко трошење на парите на скопјани, ниту финансирање на лични и теснопартиски интереси. Скопје е град на сите скопјани – стои во соопштението на Град Скопје.

Причина за разрешувањето на досегашниот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“, според градските власти, е „самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер“.

– Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д. директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција, која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен во петокот на 9.9.2022 година – стои во објавата на Град Скопје.

Со свој став околу заминувањето од досегашната позиција генерален секретар на Град Скопје излезе и Велковски.

– Како човек што секогаш одговорно и професионално сум ги извршувал своите работни задачи, морам да потенцирам дека за мене беше вистински предизвик да бидам на позицијата генерален секретар на Град Скопје, особено што тоа е место каде човек може вистински да се вгради во развојот и Скопје и да работи на вистинско решавање на многубројните проблеми на скопјани. На ова место дојдов со ентузијазам и план да воспоставиме вистинска работна практика и да ги започнеме процесите што повеќе години претходно беа заглавени и далеку од потребното ниво – стои во неговата објава.

Велковски потсетува дека на оваа позиција дошол откако претходно бил избран за советник во општината Чаир.

– Со оглед на тоа што на оваа позиција дојдов откако претходно бев избран за советник во општината Чаир, кое е местото каде што живеам и каде што исто така имам обврска да придонесувам, барав Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни за таквата ситуација. Таа овие денови ме извести дека ќе морам да се определам за една од тие две позиции, при што јас донесов одлука да си заминам од позицијата генерален секретар на градот Скопје и да се посветам на советничката функција каде што сум избран од граѓаните на Чаир – објаснува тој.

Како дополнителна причина за ваквата одлука, досегашниот генерален секретар ја наведува и како што вели несоработката од градоначалничката Арсовска.

– Оваа моја одлука ја донесов и поради фактот што сум разочаран од слабиот потенцијал за работа и несоработката од градоначалничката Арсовска во реализацијата на капиталните проекти за градот Скопје. Ветувањето кон скопјани беше модерна метропола, а резултатите да бидат брзи и сигурни. По речиси една година во Градот, можам да кажам дека таму има поединци и професионалци вработени во градот кои со децении придонесуваат за развој на градот и им благодарам за соработката, пожртвуваноста и нивниот придонес. Но, воедно, залуден е мојот и нивниот ентузијазам кога Арсовска покажува затвореност, поинакви приоритети од ветените, слаба динамика во темпото на реализација додека проблемите се наталожуваат. Во таква ситуација развојот на градот Скопје не е можен, иако граѓаните со право очекуваа по нејзиното стапување на функција многу повеќе – заклучува Велковски.

Во претходниот период поради незадоволство од работата, градоначалничката Арсовска го разреши директорот на скопската Зоолошка градина Кристијан Стаменов, конкретно за колењето на коњите, а по инцидентите на плоштадот Скендербег, поради вмешаност на неговиот брат, Арсовска го разреши директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Зуди Енуз. Меѓу разрешените директори е и в.д. директорот на ЈП „Градски паркинг“ Филип Пасху само неколку дена по назначувањето, а во мај директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски сам си поднесе оставка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот