Антикорупција и „антикорупција“

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Јавноста, Уставниот суд и претседателот Пендаровски, треба да ѝ дадат целосна поддршка на Ивановска во оваа битка на Давид и Голијат. Прво, за да се спаси позицијата на ова важно контролно тело, и второ, за да спасат неброени милиони евра од буџетот.

Ако за некоја институција во Македонија можам со сигурност да кажам дека постои разлика како „небо и земја“ во нејзиното функционирање „пред и потоа“ (пред падот на Груевски, и по него) тогаш тоа е Државната комисија за спречување корупција и криминал, или популарно наречена Антикорупциска. Под раководство на за мене дотогаш малку познатата ревизорка Билјана Ивановска.

Се сеќавате ли на нејзиниот претходник Горан Миленков, кој ги прашуваше новинарите зошто толку ги интересира анкетниот лист на Никола Груевски и најљубезно ги замолуваше „да го затвориме ова прашање за вјек и вјеков – амин“!? Е, тој во нашава споредба е „земјата“, ако не и подземје, во однос на Ивановска и она што таа и нејзината комисија го прават сиве овие години.

Ивановска, и со своите настапи и со постапките што ги поведе ДКСК, докажа дека е можно една институција да се однесува и да делува независно, дури и во вака исполитизирана и поларизирана средина каква што е македонската. Нејзината работа не остана незабележена и во извештаите на Европската комисија и на меѓународните надзорни организации. Ќе речете, тоа е нормално, па оваа влада постојано нагласува дека борбата со корупцијата ѝ е врвен приоритет, и во име на тоа „цел еден“ вицепремиер посвети на таа задача! Но, токму во тоа е проблемот на кој сакав да укажам.

Антикорупциската комисија остро се спротивставува на контроверзниот закон за стратешко партнерство, кој се носи во Собранието по кратка постапка и со кој на оваа влада ѝ се овозможува да го ангажира американско-турскиот градежен конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола. И тоа со директна спогодба, без јавно наддавање, без проект, без претходно дефинирана цена, без ограничувања од домашното законодавство во поглед на увозни обврски, експропријации, надзор, работнички права и што уште не. Ивановска, како шеф на Антикорупциска, оцени дека законот е спорен, може да биде извор на корупција и најави дека ќе го оспори пред Уставниот суд, а го повика и претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува указот, доколку законот биде усвоен. Граѓанскиот сектор исто така навреме ги сподели со јавноста истите овие грижи и дилеми. Што уште може да направи едно независно, надзорно тело, формирано токму за ваква превентивна функција?

Во исто време, нејзиниот по задача колега, министерот Љупчо Николовски, мува не го лази! Дава изјави дека „сè ќе биде под контрола и транспарентно“, нема никаква забелешка на целиот концепт, го оверува со двете раце. Дури и присуствуваше на средбата на премиерот Зоран Заев со американскиот екс-генерал Вилјам Пери, за кој не е тајна дека лобира за оваа зделка, на која исто така паднале „тешки“ зборови за неопходноста од борба со корупцијата!? Да, ама чија?

Како е можно ова, Антикорупциската комисија и вицепремиерот за борба со корупцијата за едно конкретно прашање да се најдат на две сосема спротивставени позиции? Дали во земјава се водат две различни антикорупциски политики? Една независна, друга владина? Или едната е антикорупциска, а друга „антикорупциска“?

Од друга страна, вицепремиерот за политички систем Артан Груби (кој патем ја „лапна“ зградата подготвувана за Антикорупциската комисија и ја наполни оваа комисија со „рамковни“ експерти) си зеде за право да ѝ држи лекции на Ивановска и да ја убедува дека во зделката со „Бехтел“ „нема ,к’ од корупција“, уште да кажеше „жими мајка“.

Со ваквиот арогантен и игнорантски однос Владата ја деградира позицијата на ова независно тело, на кое треба да му заблагодари и на оној мал напредок во борбата со корупцијата што во европските извештаи повремено се констатира. Јавноста, Уставниот суд и претседателот Пендаровски треба да ѝ дадат целосна поддршка на Ивановска во оваа битка на Давид против Голијат. Прво, за да ја спасат позицијата на ова важно контролно тело, кое си ја работи работата принципиелно и бескомпромисно, и второ, за да се спасат неброени милиони евра од буџетот, кои зделката со „Бехтел и Енка“, без сомнение ќе ги исцица. Дури и да нема „к“ од корупција, секој што се разбира од економија знае дека оваа зделка е мачка во вреќа. Дали не беше доволна лекцијата од сличната бестендерска екскурзија на претходната власт со „Синехидро“? И како тоа, за тој проект се води судска постапка со „запретени“ долгогодишни затворски казни, а кога истото се прави со „Бехтел и Енка“, тоа се нарекува „стратешки интерес“ и „нов концепт“? Вака поставен, концептот е стапица – ќе дадеме денар за да се фатиме за орото, десет за да се пуштиме. Кој не верува, нека чита за искуствата со овој конзорциум во Романија, Хрватска, Албанија и Косово. Хорор е мал збор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот