Анкетите ќе решат дали ќе се прават предизборни коалиции

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Ако истражувањата на јавното мислење покажат дека владините партнери – СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците – би обезбедиле повеќе од 60 пратеници на претстојните парламентарни избори, тогаш ќе настапат заедно како коалиција, наречена „Европски фронт“.

Две недели пред изборот на техничката влада како увертира пред парламентарните и претседателските избори ниту се знае комплетниот состав на кабинетот на идниот технички премиер Талат Џафери, ниту партиите одлучиле како ќе одат на избори – соло или во коалиции, што влијае и на одлуките за настап на претседателските избори и на изборот на кандидатите за шеф на државата.
Партиите анализираат и прават анкети што, пак, како што велат, ќе е клучно дали сами ќе трчаат на изборите или во коалиции. Ако анкетите покажат дека владините партнери – СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците – обезбедуваат повеќе од 60 пратеници, тогаш изборно ќе трчаат како коалиција наречена „Европски фронт“.

– Aнкетите велат дека европскиот фронт СДСМ – ДУИ – Алијанса за Албанците и други политички партии се победници на изборите на 8 мај годинава, и тоа убедливо – изјави првиот вицепремиер и функционер на ДУИ Артан Груби.

Тој во интервју за ТВ 24 рече дека ги разгледуваат анкети и најдобрите можности. Според него, сите опции се отворени и за парламентарните и за претседателските избори, дека се отворени опциите и за заеднички фронт СДСМ – ДУИ – Алијанса за Албанците, но и ДУИ -Алијанса – ДПА и партиите на Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи, а се разгледува и можноста ДУИ сама да излезе на изборите.
И изборот на претседателскиот кандидат, според Груби, ќе зависи од односот на партиите на политичката сцена. За актуелниот претседател Стево Пендаровски, Груби вели дека тоа веќе го направиле на претходните избори и немаат никаква резерва кон него како кандидат, но за тој да биде консензуален не зависи само од ДУИ, туку и од СДСМ и од Алијанса за Албанците и од другите политички партии.
Предизборната политичка сцена ќе е појасна откако Алијанса ќе одлучи за изборниот настап. Од партијата велат дека сè е на маса, но дека големи се шансите за самостоен настап.

Од друга страна, нема ниту датум за средба помеѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но барем е појасно дека кога ќе се сретнат, двајцата лидери нема да зборуваат за кадровските решенија за техничката влада. Опозициската партија ќе номинира свои кадри, но нема да гласа за владата.

– За кадровски решенија, не можеме да се сретнеме, затоа што секоја политичка партија ги дава своите кадровски решенија во техничка или која било друга коалициска влада. По својата форма и суштина, оваа влада е коалициска во која ќе учествува и опозицијата со точно определени ресори според Законот за избори и Законот за Влада – рече Ковачевски.

Премиерот потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ треба да ги соопшти своите кандидати за техничката влада.

– Тие треба да ги соопштат своите кандидати и да ги достават до Владата и до Собранието подоцна за да можат да бидат избрани. Тоа е воспоставена процедура, а секако дека ќе се сретнеме за да поразговараме околу другите елементи за изборите – рече Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, на Извршен комитет донесе одлука да учествува во техничката влада, но дека нема да ја гласаат. Партијата го овластила Мицкоски да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада и дека имињата на министрите и замениците министри од нивната партија за техничката влада ќе се знаат по Водици.

Иако претседателските избори се пред парламентарните, ниту една од партиите или коалициите не излегла со потенцијални кандидати за шеф на државата. Ни актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски, уште не се изјаснува дали ќе оди на втор мандат, ниту, пак, СДСМ кажува дали ќе застанат зад негова евентуална кандидатура.

Руфи Османи, Фото: Фејсбук Османи

Опозицискиот Европски сојуз за промени, предводен од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, наместо потврда на номинации за кандидати за претседател на државата, доби деманти за евентуална претседателска кандидатура. Екс-пратеникот и универзитетски професор Руфи Османи негира дека разговарал со претставници на ЕСП за да биде нивни кандидат за претседател на државата.

– Не сум разговарал и нема да имам никакви дебати со ниту една политичка партија. Во врска со последните информации за моја наводна кандидатура за претседател на државата, ги демантирам овие информации како целосно неосновани. Не сум разговарал и нема да имам никаква дебата со ниту една политичка партија, ниту од позиција, ниту од опозицијата. Им препорачувам на сите политички партии да го почитуваат етичкиот кодекс на секој поединец пред јавно да ги објават своите позиции. Посакувајќи цивилизирана демократска дебата и натпревар во албанскиот политички табор, барам мојот човечки идентитет да не се споменува во никаква конотација со оглед на политичките избори во мај – соопшти Османи.

Меџити, пак, вчера изјави дека разговараат и со Руфи Османи, но и со други потенцијални кандидати, но сепак нагласи дека е рано да се определи кандидатот за претседателските избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот