Аквариумот на Флорида по 50 години ја враќа познатата орка во океан

Орка / Фото EPA-EFE/CRISTOBAL GARCIA

Аквариумот на Флорида постигна договор со застапниците за благосостојба на животните за ослободување на Лолита, кит-убиец тежок 2.268 килограми кој се држел во заробеништво повеќе од половина век, соопштија официјални лица во четвртокот, пренесува „Ројтерс“.

Аквариумот во Мајами соопшти дека постигнал „обврзувачки договор“ со непрофитната организација „Пријатели на Лолита“ за враќање на китот во океанско живеалиште во северозападниот дел на Тихиот Океан во рок од две години.

Лолита, 57-годишна орка заробена во 1970 година во залив крај Сиетл, е позната и како Токи, име што е скратено од домородното американско име на китот Токитае, објави „Мајами Хералд“. Според весникот, планот за враќање на Лолита во нејзиното природно живеалиште бара федерално одобрение.

Процесот за враќање на Лолита во нејзините „домашни води“ се подготвуваше со години, почнувајќи со префрлањето на сопственоста на аквариумот „Долфин“, рече на прес-конференција градоначалникот на округот Мајами-Дејд, Даниела Левин Кава. Компанијата подоцна се здружи со непрофитната организација за да обезбеди медицинска нега на китот.

Претходниот сопственик на „Сиквериум“, „Сиворлд Ентертеинмент“, постепено ги укина претставите на китовите убијци во 2016 година. Лолита, некогаш главна атракција на „Сиквериум“, беше повлечена од шоуто во март 2022 година.

„Наоѓањето подобра иднина за Лолита е една од причините што нè мотивираше да го купиме морскиот аквариум во Мајами“, се вели во изјавата на главниот извршен директор на „Долфин“, Едуардо Албор.

Напорот за ослободување на Лолита доби на интензитет откако документарниот филм „Блекфиш“ од 2013 година го истакна заробеништвото на орките.

Застапниците за правата на животните со години неуспешно се бореа на суд за да ја добијат слободата на Лолита, откако Националната управа за океани и атмосфера ги додаде орките на списокот на загрозени видови во 2015 година.

Китовите убијци се високо социјални цицачи кои немаат природни предатори и можат да живеат до 80 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот