Ако Путин посегне по нуклеарно оружје, САД и НАТО ќе ги збришат руските трупи

Генерал Дејвид Питрејас/ Фото: i-Images / Eyevine / Profimedia

Ќе одговориме со водење напори на НАТО што би ја збришале секоја руска конвенционална формација што ќе можеме да ја видиме и да ја идентификуваме на бојното поле во Украина и на Крим, како и секој брод во Црно Море, предупреди Питрејас

Америка и нејзините сојузници ќе ги уништат руските трупи и нивната опрема во Украина и во Црно Море ако рускиот претседател Владимир Путин нареди употреба на нуклеарно оружје, предупреди поранешниот шеф на ЦИА и еден од најодликуваните воени офицери Дејвид Питрејас.

Пензионираниот генерал со четири ѕвездички изјави дека не се консултирал со советникот за национална безбедност Џејк Саливен за веројатниот одговор на САД на евентуалниот руски нуклеарен напад врз Украина, но тврди дека Америка би дејствувала како лидер на сојузниците обединети во НАТО.

– Само да ви одговорам хипотетички, ќе одговориме со водење напори на НАТО што би ја збришале секоја руска конвенционална формација што ќе можеме да ја видиме и да ја идентификуваме на бојното поле во Украина и на Крим, како и секој брод во Црно Море – изјави пензионираниот генерал во интервју за телевизијата „Еј-би-си њуз“.

На прашањето дали напад со нуклеарно оружје во Украина би бил сигнал до САД и до НАТО да ѝ објават војна на Русија, Питрејас појасни дека Украина не е под „чадорот на НАТО“, но евентуалното ширење на радиоактивност кон членка на Сојузот може да се смета за повод за активирање на Членот 5 за колективна одбрана – ако некоја членка е нападната, НАТО возвраќа како сојуз.

– Тоа е еден можен случај. Друг е што таквиот напад би бил ужасен и не смее да помине без одговор – изјави Питрејас.

Тој додаде дека САД немаат интерес да бидат вовлечени во нуклеарна ескалација, но и мора да покажат дека тоа би било неприфатливо.

За актуелната ситуација на фронтот во Украина и контраофанзивата на украинските сили, пензионираниот американски генерал ги оцени како „очајнички потези“ делумната мобилизација на руските резервисти и прогласувањето анексија на четирите проруски украински региони.

– Ситуацијата на бојното поле со која се соочува (рускиот претседател Владимир Путин) ја сметам за неповратна. Никаков обем на хаотична мобилизација, никаков обем на анексија, никаков обем на нуклеарни закани не може да го извлечат од оваа ситуација. Во некој момент тој ќе мора да го признае тоа. Во некој момент ќе мора да има почеток на преговори, што ќе биде и крајот, како што изјави претседателот Володимир Зеленски – изјави Питрејас.

Тој ги предупреди Путин и Русија дека ситуацијата за нив може да стане и уште полоша.

– Никаква употреба на тактичко нуклеарно оружје на бојното поле нема да го промени тоа, но мораме да ја третираме заканата многу сериозно – изјави пензионираниот американски генерал Дејвид Питрејас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот