АХВ го демантира Трипуновски: Млекото и млечните производи се безбедни

Млеко на рафт во маркет / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Одговорно тврдиме, безбедносниот систем за млекото и млечните производи не е нарушен. Покрај лабораториските испитувања, во спроведувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните за годинава, како дел од повеќегодишните програми за контрола и искоренување на болестите кај животните, вклучително и на бруцелозата, се вршат и клинички прегледи. Лабораториските испитувања се само една од методите за докажување на здравствениот статус на животните на одгледувалиштата.

Ова е реакцијата од Агенцијата за храна и ветеринарство откако Цветан Трипуновски од ВМРО – ДПМНЕ објави дека не е спроведена јавна набавка за лабораториско испитување на болеста бруцелоза.

– Примарната контрола на здравствениот статус на животните на фармите ја имаат сточарите и тие водат сметка за ова. Ја почитуваат законската обврска секоја промена во здравствениот статус на животните да ја пријават до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари. Суровото млеко кое влегува во процесот на производство задолжително термички се третира(стерилизира/пастеризира) со што се елиминира и можноста, млеко заразено со бактеријата бруцела да влезе во производството. Оваа бактерија со термичкиот третман на млекото се уништува. Дополнително, врз основа на сопствени контролни програми и контролите кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство, се контролира и безбедноста на секој готов производ, се појаснува во реакцијата од АХВ.

Трипуновски вчера на неговиот Фејсбук-профил објави известување од Факултетот за ветеринарна медицина Скопје дека не се во состојба да ги примаат доставените мостри поради немање на активен договор за јавна набавка со Агенцијата за храна и ветеринарство.

Што значи сето тоа во „превод“ : стадата овци, кози, говеда ќе останат без лабораториски испитување на заразната болест Бруцелоза, млекото кое ќе оди во млекарите ќе оди од стада со непознат здравствен статус што самото по себе ќе значи загрозување на јавното здравје, односно изложување на опасност на здравјето на потрошувачите. Апелираме, не си играјте со здравјето на народот, здравјето нема цена !!!, пишува Трипуновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот