Села - Ахмети - Травари

Ахмети ќе го „гасне огнот“ меѓу Села и Таравари

Лидерот на ДУИ треба да балансира меѓу лидерите на двeте крила на АА, Зијадин Села и Арбен Таравари, но и да ги задоволи сопартијците од ДУИ при поделбата на кандидатите за градоначалници ако сака да ѝ се спротивстават на владејачката Вреди на изборите наесен

Партнерите од Европскиот фронт, Али Ахмети и Зијадин Села, утре во Мала Речица ќе ги договараат општините во кои лидерот на дел од Алијанса за Албанците ќе истрча со кандидати за градоначалници за локалните избори. Ахмети ќе теба да балансира меѓу лидерите на двeте крила на АА, Села и Арбен Таравари, но и да ги задоволи сопартијците од ДУИ при поделбата на кандидатурите ако сака опозициски да ѝ се спротивстават на владејачката Вреди на изборите наесен.

Таравари, пак, веќе се сретнал со Ахмети и, според висок функционер, веќе паднал договор за меѓусебна поддршка на изборите. За евентуална соработка за локалните избори, Таравари се очекува да има средби и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, како и со претседателот на СДСМ Венко Филипче. Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, пак, си ветиле поддршка во дел од општините уште во првиот изборен круг што, пак, од старт исклучува можна соработка меѓу доскорешните партнери ВМРО-ДПМНЕ и АА на Таравари.

Али Ахмети, Арбен Таравари Фото: Слободен печат

Според партиски брифинзи, потврдено е дека АА на Таравари нема да биде дел од коалицијата Европски фронт, предводена од Ахмети, односно дека сама ќе оди на избори, но со поддршка на ДУИ, што ќе значи дека во општините каде АА ќе има кандидати за градоначалници, ДУИ и Европскиот фронт нема да номинираат свои. Таравари веќе договорил поддршка од Ахмети за општините Сарај, Гостивар и Врапчиште, каде делот на АА предводен од доскорешниот министер во владата на Мицкоски ќе номинира кандидати за градоначалници. Останува да се прецизира дали Таравари ќе истрча со кандидати во Боговиње или Теарце, односно Дебар или Струга, додека најверојатно ќе нема кандидати за Липково и Студеничани.

Од ДУИ потврдуваат дека средби има, но не потврдуваат дали веќе има договор меѓу Ахмети и Таравари.
Од АА на Села, пак, се децидни дека нивна црвна линија е – Таравари да не добие повеќе општини од Села. Висок функционер од овој дел на АА вели дека Села на маса пред Ахмети ќе ги стави општините за кои АА има интерес да истрча со градоначалници, а во игра се Тетово, Струга, Врапчиште, Арачиново, Боговиње, Дебар и Чашка.

– Нема да дозволиме Таравари да биде третиран подобро од нас. Виновникот за целата ситуација не може да се третира подобро од тие коишто во најтешките моменти бил со вас. Минимумот е колку за нас, толку за Таравари, иако мнозинството кај нас воопшто не сака Таравари да е дел од идната коалиција за изборите – вели функционерот од АА на Села.

Неофицијално ДУИ од поголемите општини засега ќе има кандидатури во Чаир и во Кичево, но разговорите се уште се во тек.
Скендер Реџепи од Европскиот фронт изјави дека се во тек разговори за градоначалници и дека наскоро ќе има решение.

– Во рамките на Фронтот се водат дискусии за кандидати за градоначалници, наскоро ќе има решение. Европскиот фронт ќе продолжи да расте поради фактот што политичката реалност на меѓуетничките односи во Македонија се на штета на Албанците. Затоа, се надеваме дека зајакнувањето на Европскиот фронт ќе биде резултат на овие штети што се на меѓуетничката линија на државно ниво – изјави Реџепи.

Скендер Реџепи Фото: Принтскрин

Тој вели дека има силен кандидат за Студеничани, но ако Фронтот одлучи поинаку, тие ќе го поддржат предлогот.
Од владејачката Вреди велат дека процесот на избор на кандидати за градоначалници се очекува да заврши до крајот на месецов. Билал Касами од Вреди изјави дека откако ќе заврши процесот на селекција политички ќе одлучат за кандидатите кои ќе се натпреваруваат на локалните избори во октомври. Тој додаде дека се спроведуваат и анкети за да се утврди кои кандидати имаат најголеми шанси за успешни резултати на изборите.

-Во фаза сме на избор на кандидати, малку посложен процес, разговор со кандидати кои доаѓаат и од политички партии и од граѓанското општество, како и од важни фактори во општеството. Спроведуваме анкети за да тестираме кој од кандидатите ќе има најголема поддршка од гласачите – рече Касами.

Фото: Слободен печат

Вреди веќе потврди дека Касами ќе бара втор мандат за Тетово. Иако за трет мандат за Чаир беше сигурен актуелниот грдаоначалник Висар Ганиу, по скандалот со дивоградбите од Вреди не ја потврдуваат неговата номинација. Во Гостивар и во Струга, Вреди речиси е извесно дека ќе истрча со независни кандидатури. За Струга се споменува бизнисменот Менди Ќира, а за Гостивар универзитетскиот професор Висар Адеми.

Во македонскиот политички блок ВМРО-ДПМНЕ засега има најмногу објавени кандидатури за грдаоначалници – 33.

– Очекувам бројката за кандидатите за градоначалници за претстојните  локални избори да биде заокружена до средината на јули и практично сите општини да ги добијат имињата на кандидатите. Очекувам целокупниот овој процес да се комплетира некаде крајот на првата половина на јули месец – изјави викендов Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото: Фејсбук Мицкоски

Дел од нив доверба од граѓаните ќе бараат за втор мандат, додека на останатите ќе им биде прва номинација за градоначалници. Се уште нема одлука кој ќе трча за градоначалник на Скопје, а во игра се министерот за локлана самоупорава Златко Перински и грдаоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓеорѓиевски.
Од владејачката ЗНАМ потврдена е кандидатурата на лидерот Максим Димитриевски за Куманово, а очекувањата се кандидати да имаат за Центар и некоја од општините Старо нагоричане, Крушево, Дојран или Валандово.
СДСМ се очекува неделава да објави дел номинации за градоначалници. За Скопје во игра се ексминистерката за животна средина Каја Шукова и архитектот Мишко Ралев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот