Аболицијата не само што е спротивна на правото, туку и на моралот

Уставен суд/ Фото: МИА

Уставните судии го одложија вчерашното оценување на уставноста на член 11-а од Законот за помилување, со кој требаше да се расчисти дали поранешниот претседател Ѓорге Иванов можел да ја повлече аболицијата.

Како што објави ТВ 24, судијата Осман Кадриу предложил да се одложи одлучувањето, бидејќи има клучни разлики меѓу предлозите на судијата Дарко Костадиновски, кој сега е известител за оваа иницијатива, и предлогот на судијата Владимир Стојановски, кому минатата година му беше доделен овој предмет, но неговиот мандат заврши.

Според Кадриу, предлогот на Стојановски тогаш бил да се поништи или да се укине спорниот член 11-а, а сега предлогот на Костадиновски е да се запре постапката по ова одлучување. Според него, ова се дијаметрално спротивни предлози и затоа по оваа точка не треба веднаш да се одлучува, туку треба одново да се расправа.

Има многу контрадикторности околу целиот закон за помилување, смета адвокатот Петро Јанура.

– Со одлуката на Уставниот суд укинат беше закон со кој беше укинат претходниот член 11 што му даваше на претседателот право, без предлог од Комисијата за правда да одлучува и по таа логика едната страна сметаше дека повторно му се враќаат тие права на претседателот. Но, јас тврдам дека тоа не е точно. Еднаш кога ќе се укине една законска одредба, за повторно да влезе во сила треба да биде изгласана од парламентот, што не беше случај. Потоа беше донесена одредба што не постои во нашиот правен систем – членот 11-а, што му даде дополнителни можности на претседателот да ја поништи аболицијата – изјави Јанура за „Утрински брифинг“.

Според него, ако сега Уставниот суд го укине законот со што му се давало право на Иванов да ја поништи аболицијата, не го негира фактот дека и самата аболиција е незаконска.

– Тоа треба да го расчистиме. Доколку тоа се случи, можеби би им помогнало на апликантите пред ЕСЧП. Но ЕСЧП сигурно ќе ги цени сите елементи во давањето на таа аболиција. Таа аболиција беше масивна, глобална, а всушност аболицијата е правен механизам што е индивидуален и не така масивно задира во правдата и правниот систем – рече Јанура и додаде дека аболицијата, првично како што беше донесена, се косеше со сите принципи на владеењето на правото и не само што е спротивна на правото, туку и на моралот.

Уставните судии сепак не одлучија за аболицијата на Иванов

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот