114:0

Фото: Ерол Шаќири

Посакувам собранискиот семафор да покажува „многу“ наспроти „0“ секогаш кога се работи за закони од интерес на држава и граѓаните, знам звучи премногу оптимистички, можеби и утопистички, сепак вчерашното гласање ми влеа надеж дека е тоа возможно.

11 Февруари 2020, датум за паметење, во историски контекст можеби еднакво значаен како 2 Август 1944 (АСНОМ) и 8 Септември 1991 (Денот на Независноста). Конечно по скоро 29 години неизвесност, вооружени внатрешни и регионални конфликти, закани од поделби, закани од распаѓање, државата ги осугира својот суверенитет, интегритет и подобра и сигурна иднина. Собранието на Република Северна Македонија на свечена седница го ратификуваше Протоколот за членство на земјата во НАТО, најголемиот воено-политички сојуз во светот. Законот што ќе се применува по ратификацијата на Протоколот од страна на Шпанија беше изгласан едногласно, со 114 гласови „за“ и ниту еден „против“. Токму собранискиот семафор е тема на денешнава колумна, не НАТО.

Не знам за вас, но резултатот од гласањето (114:0) прикажан на собранискиот семафор пробуди едно убаво оптимистичко чувство во мене и влеа дополнителна надеж. Надеж, дека сепак кога се работи за круцијален интерес на државата и граѓаните сите политички субјекти можат да се обединат кон остварување на таа цел. Опструкција е зборот кој најчесто го слушаме, опструкција на една или повеќе политички партии кон се и сешто, кога овој збор ќе се замени со сплотеност, консензус, па макар и за еден ден, тоа звучи многу убаво за земја во која вакви работи се случуваат еднаш на 30 години. Со право претставниците на владејачката гарнитура сега ја обвинуваат опозицијата дека „се кити со туѓи перја“, сега откако членството во НАТО се овозможи како резултат на храброста, политичката одговорност, па и жртва ако сакате, на политичарите од актуелната власт.

Но, така е тоа во политиката која е целосно насочена кон освојување на власта и моќта и во потполност ослободена од моралот (Макијавели). Истите тие кои не собраа храброст да се приклучат во напорите државата да мрдне од мртва точка преку решавање на спорот околу името со Грција, сега го притиснаа копчето „за“. Тоа се истите кои не собраа храброст да го повикаат членството на референдум за промена на името и членството во НАТО и ЕУ па макар и да гласаат против, знаејќи дека тоа само ќе му даде легитимитет на истиот имајќи во предвид дека гласовите „за“ се многу повеќе од гласовите „против“ (повеќе од 600 илјади граѓани се изјаснија „за“). Тоа се истите пратеници кои и покрај веќе постигнатот Преспански договор не собраа храброст да гласаат промена на Устав и се обидоа на секој можен начин тоа да го оневозможат, па така завршивме и со непосакуван закон за амнестија, што пак овозможи промена на Уставот. Истите се тие кои го опструираат законот за одбрана кој пак е многу битен посебно за членството во НАТО.

Истите тие го опструираат и законот за јавно обвинителство, кој пак е битен фактор за отпочнување на преговорите со ЕУ. Тоа е истата партија во која повеќето од членовите и симпатизерите ја сметаат НАТО за фашистичка организација и се склони кон руските политики. Истата е таа партија која пред народните маси не го признава уставното име на државата, чии што министри во техничката влада свесно го кршат Уставот мислејќи дека со тоа ќе добијат нешто плус политички поени. Истите се тие кои користеле и користат црни руски пари преку медиумите блиски ним во борбата против државните интереси, односно членството во Алијансата. Тоа е истата партија која никогаш не ги стави државните интереси над партиските.

Вчера пак, истите тие политичари едногласно гласаа оваа Република Северна Македонија која не ја признаваат, да стане 30-та членка на НАТО сојузот кој не го посакуваат. А можеше да биде и поинаку, да не присуствуваат на свечената седница, напротив да го повикаат членството на протести пред Собранието за време на гласањето и да остават уште една црна дамка во поновата историја на државата. Наместо тоа, се одлучија да се приклучат на возот кој незапирливо се движи по евроатланските пруги.

Посакувам собранискиот семафор да покажува „многу“ наспроти „0“ секогаш кога се работи за закони од интерес на држава и граѓаните. Знам, звучи премногу оптимистички, можеби и утопистички. Сепак, вчерашното гласање беше една убава глетка која буди надеж.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот