Зошто Уставен сака да го оживее членот 11 од Законот за помилување?

Република Македонија уште во 1993 година со првиот пратенички состав во Собранието донесе закон за помилување со кој на Претседателот на државата му се дава демократското право да помилува граѓани за одредени категории на кривични дела.
Но во законот со членот 11 тоа негово право е овозможено без спроведување постапка т..е. без да ги чека судските процедури.
Согледувајќи ја недоследноста од ваквата одредба, Собранието на Република Македонија во 2009 носи Измени на Законот за помилување со кои беше избришан членот 11 и со тоа му се оневозможи на Претседателот самоволно, без судска процедура да може да помилува.
Тоа е така се до 2015 година кога Македонија влегува во длабока политичка криза.
Имено првиот опозиционер Зоран Заев почна со објавување на таканаречените „бомби“ од проектот „Вистината за Македонија“. Со нив најави дека ќе се расветлат криминалите на тогашната влада на ВМРО ДПМНЕ, која неовластено прислушувала над 20 000 граѓани.
Разврската на кризата беше „Договорот од Пржино“ и формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Негова главна задача беше да расчисти со тоа кој нелегално прислушувал со години во Македонија.
Истрагите водеа кон екс премиерот Груевски, кон тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков, но и кон бројни високи функционери на владеачката партија.
Тоа го вклучи алармот за спас на партискиот врв на ВМРО ДПМНЕ. Но за таа намена беше потребна законска основа која во тој момент не постоеше.
Затоа во март 2016 година, Уставниот суд го укина целосно Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година, со цел враќање на членот 11 од законот од 1993 година кој на Претседателот му давал можност за унилатерално помилување.

Само две недели подоцна на 12.04.2016 година, Претседателот Ѓорѓе Иванов без спроведување постапка преку Министерството за правда, даде помилување на 56 лица опфатени со истрагите на СЈО.
Ова предизвика силен отпор и протести на Шарената револуција.
Под притисок на јавноста и на меѓународниот фактор, Иванов го повлече помилувањето.
Но, за тоа беше потребно законско решение и такво беше донесено кога во законот покрај членот 11 се вметна и член 11- А, со кој на претсседателот му се дава можност да го повлече помилувањето.
Од тој период е и поднесената иницијатива до уставниот суд за преоценување на уставноста на оваа постапка која Уставниот суд досега ја нема разгледувано.
Но овој Уставен суд, како и пред три години, дејствува во кризни политички моменти. Деновиве, значи пред претстојните избори ја става на разгледување уставноста на член 11-А и ја отвора можноста за амнестија на сите инволвирани во случаите на СЈО.
Јаноста е вознемирена и реагираат и експертите и политичките партии. Првите со различни правни толкувања и анализи, а вторите со меѓусебни обвинувања кој стои зад оваа „игра“ на Уставниот суд. Според составот на судиите СДСМ логички заклучува дека конците ги влече ВМРО ДПМНЕ, додека пак за ВМРО ДПМНЕ ова е игра на СДСМ која сака да се дефокусира јавноста од проблемите на граѓаните.
Некои правни експерти, сметаат дека по одлуката на судот, практично овој член е автоматски вратен во законот и со него би му се овозможило на претседателот да помилува и сега. Но други, пак, тврдат дека одлуката на Уставен суд не значи автоматски дека членот е вратен, бидејќи според нив, со одлуката не може да се врати норма, туку само да се укине.

За да се расчистат правните дилеми, од СДСМ предлагаат иницијатива за автентично толкување на членот 11 од страна на Собранието, односно дали тој е укинат или не со одлуката на Уставниот суд од 2016.

Досега во јавноста доминираат експертските мислења дека Иванов немал право да донесе неуставна и незаконска одлука, затоа што еднаш укинатиот член 11 не може едноставно повторно да заживее како и фактот дека актот на помилување/аболиција, кој се однесува на толку голем број лица опфатени со една одлука, повеќе личи на амнестија, што пак е во исклучива надлежност на Собранието.

Уште пред три години професорката д-р Гордана Силјановска цени дека Уставниот суд може да укине, може да поништи закон, но не може да врати „мртва“ норма или да оживее.
„Членнот 11 не постои и според тоа Претседателот Иванов го сторил тоа што го сторил без правна основа“, вели професорката Силјановска и додава дека „уставотворец и законодавец е само Собранието и тоа може да ја измени или да ја врати укинатата одредба, но никако Уставниот суд.“

Слично мислење како професорката Силјановска има и нејзиниот колега, експерт по уставно право, Светомир Шкариќ, „Грешката е во тоа што Уставниот суд мислел со укинување на законот од 2009 година дека сите одредби укинати од законот од 1993 година ќе оживеат. Меѓутоа, теориски и научно тоа не е возможно, бидејќи, еднаш веќе укинатата одредба станува мртва за секогаш. Неа може да ја оживее само Собранието преку нов закон“, вели професорот Шкариќ.

Во својата анализа пак професорот Гордан Калајџиев укажува на разликите меѓу ефектот на поништувачките и укинувачките одлуки кои може овој Уставен суд да ги донесе:
„Ако законот е поништен, во тој случај претходните одредби се враќаат во сила. Во случај на поништувачка одлука на Уставниот суд, дерогативниот ефект на законот кој е поништен како неуставен, се отстранува и затоа се враќа во сила претходниот закон. Со укинувачката одлука пак на Уставниот суд не се враќа во живот одредбата од членот 11 од Законот од 1993 година, што значи дека претседателот немал правна можност да даде помилување без спроведување постапка врз основа на тој член“, вели професорот Калаџиев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот