Зошто немало „Цетуксимаб“ на државна Онкологија, туку пациент морал да го прима во „Систина“ за 113.000 денари по доза, а потоа да се бори на суд да си ги рефундира парите?!

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Судската архива е податна база која докажува дека на државната Клиника за онкологија низ годините немало терапија која докторите им ја препишувале на пациентите кои се бореле со канцер. Така, тие морале да ја набавуваат скапата терапија препишана од специјалистите на државна онкологија во приватните доброопремени болници, каде ја плаќале од сопствениот џеб, иако целиот живот плаќале здравствено осигурување.

Освен што плаќале на приватно, пациентите на крајот морале да се влечкаат и по судовите за да си ги рефундираат парите од Фондот за здравство кој пак се правдал дека нема склучено договор за рефундирање со приватната болница за хемотерапии. Во таквите судски спорови поведени од страна на оштетените пациенти, се гледа дека дел од скапите терапии ги немало на Клиниката за онкологија и тоа со месеци, поради тоа што пациентите се упатувале во „Систина“ за да си го земат животот во свои раце, наместо да ги чекаат државните тендери за лекови.

Лекот Цетуксимаб е моноклонално антитело кое е скапо и Клиниката за онкологија го набавува преку условниот буџет кој им се одобрува од Министерството за здравство и преку Фондот за здравство.

Само една судска пресуда од Управниот суд до која дојде „Слободен печат“ покажува дека во 2018 година Клиниката за онкологија доцна побарала согласност од Министерството за здравство и од Фондот за да им се одобрат пари за набавка на овој лек, поради што пациентка морала да ги празни џебовите во приватното здравство каде што била згрижена и третирана со лекот без никакви задоцнувања.

Зошто навремено Клиниката за онкологија не склучувала договори за јавна набавка на овој лек, иако знаеле дека имаат пациенти на кои тој им треба и во исто време нивните доктори од државна Онкологија го препишувале овој лек?!

Од пресудата од Управниот суд која ја поседуваме пишува дека Клиниката за онкологија поднела барање до Министерството за здравство и до Фондот за здравство за набавка на лекот и согласност добиле на 4.10.2018 година. Но, пациентката месеци претходно иако имала индикација да го прима лекот, морала тоа да го прави надвор од државна Онкологија. Во пресудата пишува дека за дел од овие месеци терапијата ја имало на Онкологија што го отвора прашањето зошто истата не ѝ била дадена на пациентката?!

„Во периодот на извршените хемотераписки циклуси од 11.6.2018 до 20.08.2018 година во Систина за шест циклуси, на УКРО немало набавка а ниту залиха на лекот ампули Cetuximab. За три извршени циклуси на 10.5.2018, 16.10.2018 и 30.10.2018 осигуреникот бил третиран само со ампули Irotecan 250 mg a во специјалистичкиот извештај било наведено дека ампули Cetuximab нема на УКРО и покрај тоа што лекот бил набавен на 10.5.2018 и на 9.10.2018 година“ пишува во пресудата.

Фондот дури и констатирал дека за тој вид здравствени услуги немал склучено договор со Систина за регулирање на меѓусебните односи и затоа на пациентката ѝ ја одбиле рефундацијата на терапијата што на државна Онкологија ја немало.

Во пресудата таксативно се наведени сите датуми на кои жената одела во Систина да прима хемотерапија која и ја препишал доктор во државна Онкологија, а во државна Онкологија ја немало.

„Во конкретниот случај од специјалистичкиот извештај на УКРО од 11.06.2018 година е видно дека на тужителот му била индицирана нова линија хемотерапија со Cetuximab и Irinotekan, а во моментот немало Cetuximab на УКРО и затоа лекот тужителката го набавила на 11.06.2018 година во Систина за износ од 113.617 денари, и истиот ден во Систина ѝ бил аплициран“ пишува во пресудата.

Но оваа пракса не застанала на една терапија туку продолжила и понатаму во наредниот период на лекувањето на оваа пациентка.

„Така на 25.06.2018 година, пак на УКРО ѝ била индицирана нова линија хемотерапија со Cetuximab и Irinotekan а во моментот на УКРО немало Cetuximab па пак жената го купила во Систина на 25.06.2018 година, видно од фискалната сметка за 113.683 денари и истиот ден ѝ бил аплициран“.

Но, и покрај двапати немање Цетуксимаб на Државна Онкологија, сагата продолжува понатаму. На 09.07.2018 година пак се индицира хемотерапија со истите лекови на државна Онкологија и пак – Цетуксимаб немало! Така по третпат пациентката ја купува терапијата на приватно во Систина за 113.726 денари и истиот ден ја прима.

Неколку недели подоцна, на 23.07.2018 година субспецијалистот на државна Онкологија препорачува со оглед на успехот, да се продолжи со хемотерапија Цетуксимаб со Иринотекан, ама во моментот повторно немало Цетуксимаб на државна Онкологија. Пациентката по четврти пат оди во Систина и ја купува терапијата Цетуксимаб за 113. 842 денари и истиот ден ја прима.

На 06.08.2018 година, според пресудата, препорачано било со оглед на успехот да се продолжи со хемотерапија со Иринотекан и Цетуксимаб, а во моментот пак немало Цетуксимаб на УКРО. Наведениот лек бил набавен од тужителката во Систина за 113.690 денари и таму ѝ бил аплициран истиот ден.

Истата процедура на препишување на лекот Цетуксимаб на државна Онкологија за пациентката и немање на истиот лек се повторува и на 20.08.2018 година, и на 16.10.2018 и на 30.10. 2018 година!

Од друга страна во првостепеното решение е наведено дека од извршената контрола од страна на Фондот за здравствено осигурувае, е констатирано дека за три извршени циклуси на 10.05.2018, 16.10.2018 година и 30.10.2018 годинна осигуреничката била третирана само со ампули Иротекан а во специјалистичкиот извештај било наведено дека ампули Цетуксимаб нема на УКРО и покрај тоа што лекот бил набавен на 10.05.2018 година и на 09.10.2018 година.

„Имајќи го предвид наведеното судот смета дека во конкретниот случај има потреба од повторно разгледување и одлучување по предметот при што во повторната постапка тужениот орган треба да утврди дали лекот Цетуксимаб во периодот од април 2018 до октомври 2018 кога тужителот имал потреба од истиот, го имало на ЈЗУ Клиника за радиотерапија и онкологија па врз основа на правилно утврдена фактичка состојба и правилна примена на материјалното право да донесе правилна и законита одлука“, пишува во пресудата од Управниот суд од 2 март 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот