Зошто не се слави бугарски празник, зошто не се учи бугарски јазик?

1 октомври 2020, Скопје / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Политичарите во Бугарија жестоко реагираа на најавата на премиерот Зоран Заев, кој честитајќи им го празникот Свети Сава на Србите во Македонија, рече дека српскиот јазик повторно ќе се изучува во основните училишта во трето до шесто одделение, а во центарот на Скопје ќе се гради Српски културен центар.

Најостра осуда пристигна од вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој преку Фејсбук побара во Македонија да се слави и бугарскиот празник 3 март, затоа што „ако Србите во денешна Македонија се околу 30.000, бугарските државјани се над 120.000, а многумина од нив се партиски активисти, лидери, новинари, министри итн.“. Реагираа и европратеникот Андреј Ковачев, кој праша дали Заев слично би им го честитал празникот на Бугарите во Македонија, како и европратеникот Андреј Џамбаски, кој напиша дека не познава друг премиер што би им честитал на окупаторите и на колонизаторите на сопствената држава.

Премиерот Заев најави дека Општина Центар ги завршила сите претходни постапки и Српскиот културен центар ќе почне да се гради оваа година, истовремено кога во Белград ќе почне изградбата на Македонски културен центар.

Честитка за српскиот празник испрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, што Каракачанов го искоментира како показател дека политичката елита на РС Македонија сепак има консензус за некоја тема. Тој го обвини Заев дека го зголемува српското влијание во Македонија.

– Со отворањето на Српскиот културен центар, дали ќе се памети окупацијата во 1913 година на тогашна Вардарска Македонија од страна на Кралството Србија?  Дали ќе се потсети на присилната промена на завршетоците на презимињата од -ов и -ев во српски -иќ, што, сепак, беше поправено од т.н. „бугарски окупатори“? Пријателе Заев, дали овој тажен дел од историјата на Македонија е дел од културните врски со Србија и дали ќе го прославите? Колега Мицкоски, како се чувствува лидер на партија што го носи светото име ВМРО за да ги величи и слави оние против кои ВМРО се борело низ својата историја – пишува Каракачанов.

Тој прашува дали ќе се забележи како дел од заедничката историја на Србија и на Македонија дека илјадници наставници, интелектуалци, свештеници и трговци биле протерани како Бугари од 1913 година до 1941 година и додава дека во Бугарија денеска има повеќе од два милиона наследници на протераните македонски Бугари.

– Дали ќе се споменат двете востанија против Србите во 1913 година, во Тиквеш и во Охридско-Дебарско, во Вардарска Македонија која српската влада ја преименуваше во Јужна Србија и српска бановина? Дали Скопје ќе инсистира на тоа дека ова е дел од она што тие го нарекуваат „споделена историја“ со околните народи? Пријателе Заев, дали се распрашавте за вашата иницијатива со албанското население во Македонија, кое страдаше сурово и беше подложено на геноцид под „пријателското“ присуство на Србите од 1913 година до 1991 година – вели Каракачанов.

Европратеникот Џамбаски меѓу другото напиша дека Србите имале окупаторска и колонизаторска улога во Вардарска Македонија по 1903 година, каде што населението било претежно бугарско. Според Џамбаски, токму оние Македонци кои ги попречуваат добрите односи меѓу народите на Бугарија и Македонија, се потомци на тие српски колонизатори.

Бугарскиот политичар и водител Велизар Енчев на социјалните мрежи коментираше дека Македонија е тројанскиот коњ на Србија.

– Со изучувањето на српскиот јазик во македонските училишта, Заев ја покажа вистинската суштина на тројански коњ на Србија. Со тоа не само што го зацврстува бугарското вето за македонското членство во ЕУ, туку РС Македонија се открива пред ЕУ и САД како српска марионетка на Балканот. Се надеваме дека оваа вест ќе стигне побрзо до Брисел и до Вашингтон, кои ја притискаат Софија за брз пристап на Скопје во ЕУ. Со што ли Заев е зависен од Србија, па прибегнува кон толку компромитирачка акција – напиша Енчев.

Атина сака да помогне во спорот меѓу Скопје и Софија

Како земја што одржува пријателски односи со Бугарија и со Северна Македонија, ќе се обидеме на секој можен начин да го олесниме решавањето на нивните разлики – изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас, за „Јуроњуз“.

– По Солунската агенда, Грција е цврст поддржувач на европската перспектива на Западниот Балкан, а особено на Северна Македонија и Албанија. А како земја што одржува пријателски односи со Бугарија и со Северна Македонија, ќе се обидеме на секој можен начин да го олесниме решавањето на нивните разлики. И сигурен сум дека сите ќе го ценат тоа – рече Дендијас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот