Зошто локалните избори станаа партиски пресметки?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Локалните избори се претворија во референдум за тоа кој е за ВМРО-ДПМНЕ, а кој за СДСМ. Пребројувањето на гласовите заврши со оставка на Зоран Заев и од премиерската функција и од претседател на партијата. Зошто? Па, нели овие не беа парламентарни избори, туку избори за тоа кој наредните години ќе ги води општините!

На едни избори во лето, кога цела Македонија беше излепена со кандидатите за премиер, љубопитно прашав едни дојденци од Австралија – како е таму кај нив пред избори, дали има толку многу билборди со кандидатите, дали има толку реклами на телевизиите. Австралијката што тогаш по вторпат беше во Македонија, зачудено ме погледа и ми кажа дека не ѝ било јасно кои се овие ликови што може да ги види излепени на огромни паноа насекаде, а потоа ми раскажа дека кај нив нема такво нешто, дека нема реклами, туку дека има само телевизиски дуели.

Гласањето, пак, е задолжително – со закон, а секој што нема да гласа, треба да плати казна. Таму мотивот за гласање на голем дел од граѓаните е токму казната. Таа на последните избори во Австралија за малку ќе заборавела да гласа, па непосредно пред затворање на гласачкото место, трчала за да го даде својот глас. Во Австралија тоа е така, затоа што таму сите – функционерите, градските татковци, па и премиерот си ја вршат работата за што се платени и што ја сакаат најдобро што можат. Работата си врви беспрекорно, во континуитет, независно кој е на власт. Нема партиски вработувања, нема реваншизам, нема наместени тендери…

Во нашата земја изборите се „битка за живот“, проследена со агресивен маркетинг и со ненормална битка за добивање позиција. Во таа битка, локалните избори се претворија во референдум за тоа кој е за ВМРО-ДПМНЕ, а кој за СДСМ. Пребројувањето на гласовите заврши со оставка на Зоран Заев и од премиерската функција и од претседател на партијата. Зошто? Па, ова не беа парламентарни избори! Ова беа избори за тоа кој наредните години ќе ги води општините и Градот Скопје. Згора, изборите завршија со слаба излезност – пола гласачко тело не сакаше да отиде да гласа. Секако, ако важи онаа бројка од Избирачкиот список. Со пола гласачи, прашањето е кој доби, а кој изгуби? Дефинитивно, изгубија и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а се појави една „мини пролет“ со давање гласови за помалите партии и за претставници на група граѓани како спас во некоја трета алтернатива.

Веројатно и кај нас, како и во Австралија – треба да се воведе задолжително гласање. Причините за негласањето се различни, но целта ќе биде иста. Подобро е гласачите и да ги пречкртаат ливчињата, отколку да не излезат. Така, пак, и официјално ќе се добие бројката кој не е за ниту еден од тие што се на билбордите и во рекламите.

Како и да е, изборите завршија. Сега доаѓа најважното – што ќе се исполни од ветувањата. Колку од пиарот и маркетингот на старите и на новите градоначалници реално ќе функционира во практика, реално. Што од тоа ќе видат граѓаните, затоа што досега, генерално, видоа повеќе лоши од добри работи. Видоа урбанистички хаос, тесни грла на улиците, општини без канализација, кучиња скитници, неодржувани автобуси за градски превоз, мини депонии…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот