Зоран Заев меѓу чеканот и наковалната

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Оставката на Зоран Заев и не сакајќи не донесе никому добро, напротив, им создаде проблеми на сите. И не само тоа, туку ја турка државата во политичка криза од која може да има далекусежни економски последици во време кога светот се соочува со енергетски  проблеми и кога здравствената криза добива нов смртоносен залет.

На неговата оставка најмногу се израдуваa Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи им ја даде Владата на тацна.

Но, Заев немаше право да го направи тоа, колку и да чувствувал морална одговорност за поразот на локалните избори. Затоа што на локалните избори загуби неговиот СДСМ, а не Владата. Најмногу што можеше да стори Заев во налет на емоции беше да си поднесе оставка на местото лидер на партијата, доколку тоа толку му значело.

Тој едноставно нема право да одлучува во името на другите конституенти во Владата. Таа Влада е коалициска и тешко составена, со многу мака и преговори, со координирање различни интереси и програмски платформи, со усогласување на начин на функционирање во услови на тесно парламентарно мнозинство, со балансиран кадровски распоред на функции во самата Влада и во државните институции, агенции и директорати, а за што како гарант стоел лично тој.

Оттаму, не беше најпаметно да си даде оставка од премиерската позиција, без пред тоа да се консултира со коалициските партнери. Затоа што на изборите не учествуваше Владата, туку неговата СДСМ и другите партии, поединечно. Загуби СДСМ, но не загуби ДУИ, ниту пак Беса, а задоволни од резултатот се и ЛДП и ДОМ.

Можеби Заев мислеше дека со неговото заминување од премиерската позиција, кој било друг ќе продолжи да ја води Владата, но очигледно не е така. Се покажа дека тој е сврзувачкото ткиво на вака хетерогената влада.

Не е чудо ако заминувањето на Заев од премиерската позиција била и вистинската причина за напуштањето на Беса на Владата, без разлика на изговорите за Желино. Па дури и спомнувањето на ЛДП и ДОМ како дел од парламентарното мнозинство што го заговара Мицкоски може да е показател за тоа.

Секако, доколку и натаму опстојува на оставката и на ДУИ не им остава простор, освен да си го бараат чарето во преговори со сите останати, а заради можноста од зачувување каква било влада, која ќе се соочи со предизвиците барем во догледно време до некои предвремени избори.

Средбата на Ахмети со Мицкоски може да значи дека Заев е цврст во настојувањата да си даде оставка, дури и пред да се случи интерпелацијата.

Или, можеби сега, соочен со реалноста на распаѓање на единството во власта, под притисок на коалициските партнери и, ајде да речеме, на повиците однадвор како фактор на стабилност на регионот, сфаќа дека погрешил и дека избрзал.

Тоа можеби го става во дилема да се премислува да ја достави оставката до парламентот.

Но, сега се создаде друга политичка атмосфера, во која веќе е започната иницијатива за доверба на Владата од страна на осилената ВМРО-ДПМНЕ и тој се соочува со мнението во јавноста дека нема да си остане на зборот доколку не поднесе оставка.

Сето тоа го става Зоран Заев во многу непријатна ситуација да се чувствува како да е меѓу чеканот и наковалната. Дали да се изневери себеси и моралните принципи за кои беше високо меѓународно оценет, или да ја „изневери“ државата.

Во стварноста, повисоките интереси секогаш треба да ги надвладуваат личните и веројатно Заев има исто така морално право да размисли дали да се нафати на премиерската позиција, доколку за тоа постојат услови.

Доколку, пак, сè уште се премислува, за него сега е најдобра варијанта да оди на интерпелација во Собранието, односно да не ја поднесува оставката. Тоа можеби ќе го направи делумно непринципиелен и недоследен на зборот, но тоа може да биде ирелевантно ако ја постигне целта. А тоа ќе биде сигнал до другите партии што сега можеби и од нужда бегаат од Владата во која тој не е премиер, да не изгласаат недоверба, да се вратат во коалиција што нуди извесен пат и со тоа да се разреши политичкиот Гордиев јазол во кој запаѓа Македонија.

На тој начин Заев повторно би застанал на чело на Владата, додуша со малку разнишан личен кредибилитет, но би имал време да ја консолидира Владата, а за оставка би барал некое друго попогодно време.

Доколку, пак, изгласувањето недоверба сепак се случи, оставката ќе биде неминовна и ќе биде потврда дека тој бил во право што ја понудил веднаш по изборите.

Но, зачудува настојувањето на ВМРО-ДПМНЕ да ја урне Владата по секоја цена, без притоа да има барем некакви назнаки за формирање нова влада.

Напротив, сè говори дека тоа е речиси невозможно. Оттаму се поставува еднакво легитимно прашањето на моралот, дали и Мицкоски треба да размисли за оставка доколку и овој пат не успее во намерата да го урне Заев и Владата.

А, алтернатива никој не нуди. Да беа предвремените избори решение, сите што сега се наводно ново парламентарно мнозинство би гласале за самораспуштање на парламентот. Но, тоа не се случи.

Тоа е само уште еден доказ дека евентуалното паѓање на Владата, нема да донесе никакво решение и излез од кризата во која сега се наоѓа Македонија, туку дека таа и ќе се продлабочи.

Дали е тоа целта на ВМРО-ДПМНЕ и на сите оние што сакаат да ја урнат оваа Влада?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот